X
 11.10.2023 Култура

УНЕСКО ќе отвори виртуелен музеј на украдени артефакти

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) го најави првиот виртуелен музеј на украдени културни артефакти, чија цел е да ја подигне свеста на јавноста за трговијата со уметност и уникатната важност на културното наследство.

- Зад секое украдено парче или фрагмент се крие дел од историјата, идентитетот и од човештвото што е украдено од неговите чувари, недостапно за истражување и сега е во ризик да падне во заборав - вели генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азуле.

УНЕСКО ќе соработува со меѓународната полициска организација „Интерпол“, чија база на податоци за културни предмети украдени од музеи, збирки и археолошки локалитети низ светот брои повеќе од 52.000 артефакти. Виртуелниот музеј вреден 2,5 милиони евра треба да биде отворен во 2025 година.

- Нашата цел е повторно да ги ставиме овие дела во центарот на вниманието и да го вратиме правото на општествата да пристапат до нивното наследство, да го искусат и да се препознаат во него - рече Азуле на состанок во Париз.

Посетителите ќе можат да се движат низ низа виртуелни простори кои ќе содржат детални 3Д-фотографии од артефактите, при што секој материјал ќе го објаснува уникатното културно значење, вклучувајќи приказни и сведоштва од локалните заедници. За разлика од обичните музеи, каде што збирките се зголемуваат, УНЕСКО се надева дека оваа колекција ќе се намалува бидејќи украдените предмети ќе бидат враќани еден по еден.

Извор: 24sedam
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура