X
 12.02.2024 Живот

Во Словенија првпат ќе се субвенционира купувањето електрични велосипеди

Директорката на Екофондот во Словенија, Мојца Вендрамин, за словенските медиуми потврди дека постои голем интерес за субвенции на граѓаните за електрични велосипеди - нешто што досега го немало.

Од Министерство за животна средина, клима и енергетика, на чело со Бојан Кумер, истакнаа дека годинава се планира и јавен конкурс за електрични велосипеди. Се очекува субвенциите да се распределат преку компанијата „Борзен“, но не се знае колку средства ќе бидат достапни. Парите ќе се повлечат од неискористените средства на Фондот за климатски промени, каде што за возила со нулта-емисија годинава се достапни 45 милиони евра.

Секој четврти велосипед во Европа е електричен

Продажбата на електрични велосипеди во Европа рапидно расте. Според Европската асоцијација на велосипедската индустрија, во 2022 година во ЕУ и во Велика Британија се продадени 14,7 милиони обични велосипеди и 5,5 милиони електрични велосипеди (или со дополнителен електричен погон).

Додека редовната продажба на велосипеди била намалена за 9,1 отсто во споредба со 2021 година, кога продажбата на велосипеди пораснала поради пандемијата и блокадите, продажбата на електрични велосипеди забележала раст во 2022 година - 8,6 отсто. Најголем раст има во Германија, Франција и Холандија, соопштија од асоцијацијата.

Што прават Австријците?

Носителите на одлуки во Европа, исто така, го охрабруваат купувањето електрични велосипеди, со надеж дека ќе го намалат автомобилскиот сообраќај, особено во градовите. Австрија, на пример, нуди субвенција од 600 евра за купување велосипед на преклоп (електричен или не) од минатиот март, за да го поттикне патувањето со јавен превоз. Услов е примателот на субвенцијата да е вработен и да има годишен билет за јавен превоз. Три четвртини од износот на субвенцијата (450 евра) покрива државата, а 150 евра придонесува спортската продавница од каде што ќе биде купен велосипедот.

Бран на субвенции

Само во првата половина од оваа година словенечкото министерство предвидува четвртина милијарда евра субвенции за различни мерки за зелена транзиција. Парите ќе се користат за соларни централи, електрични возила за лична употреба и јавен превоз на патници, инфраструктура за полнење, енергетска обнова на јавни згради, енергетски сиромашни домаќинства...

Извор: Forbes.n1info.rs

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот