X
 12.08.2020 Образование

Проф. д-р Александра Мартиновска-Стојческа: Огромен е потенцијалот на агроекономистите во секторот земјоделство и храна

Основната цел на агроекономистите е да ја зголемат профитабилноста во земјоделството и да насочат кон ефикасно користење на ресурсите. Во рамките на земјоделските стопанства, т.е. на фармите тие се вклучени во сите работи што се поврзани со употребата на ресурси, управувањето, производството, преработката, дистрибуцијата и употребата на земјоделски производи. Некои работат во областа на маркетингот на земјоделските производи и храна, како и во трговијата. Mожности за вработување има и во банките, микрофинансирачките и други институции каде што се оценуваат проекти врзани со земјоделството и агробизнисот

Производството на храна и достапноста на земјоделско-прехранбени производи се од стратешко значење за секоја земја. Во нашата земја земјоделскиот сектор зазема значаен дел од економијата, придонесувајќи со околу 10% во бруто-домашниот производ, односно околу 15% ако се земе предвид и прехранбената индустрија, вели вели проф. д-р Александра Мартиновска-Стојческа од Институтот за агроекономика, Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Овој сектор вработува околу една петтина од работоспособното население и е особено значаен за зачувување и одржување на руралните средини. Кризата предизвикана од коронавирусот ја нагласи важноста на земјоделскиот сектор и домашното производство, достапноста на безбедна храна по пристапни цени, но го истакна и потенцијалот на овој сектор за поддршка на општиот економски раст, за создавањето и одржувањето на работните места и за зајакнувањето на извозот.

На Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје постои агроекономска насока. Што всушност се нуди во рамките на таа студиска програма?

- Студиската програма агроекономика беше воведена на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје во 2000 година, иако и претходно агроекономиката како една од фундаменталните дисциплини во факултетското образование од областа на земјоделството и храна беше присутна во другите студиски програми на нашиот факултет. Сегашната насока агроекономика е четиригодишен студиум, во кој се опфатени низа задолжителни и изборни предмети, како во однос на спецификите на самото земјоделство производство така и во потесното насочување кон применетата економика.



Зошто да се студира агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје?

- Едно од главните обележја на студирањето на нашиот факултет е блиската комуникација и соработка со студентите. Се обидуваме предавањата и вежбите да бидат интерактивни, да ги потковаме студентите со теориско знаење, но и со примери од практиката. Истовремено, во текот на студирањето ги вклучуваме студентите во нашите истражувања и во стручно-апликативната работа, преку што во наставата ги пренесуваме трендовите од струката. Тука треба да се спомене и интензивната меѓународна активност со реномирани институции од областа. На пример, долгогодишната соработка со Шведскиот универзитет за земјоделски науки во Упсала значајно придонесе кон осовременување на наставата, истражувачката дејност и усовршувањето на наставниот кадар и на студентите.

Што се изучува на агроекономика?

- Агроекономијата вклучува изучување на повеќе дисциплини, меѓу кои може да се издвојат: производната економија (проучување на врските меѓу ресурсите, производството и профитот, како и вложувањето на работна сила); агроменаџментот (основи и специфики на управувањето во земјоделско-прехранбен контекст); финансиското управување (аспекти поврзани со самото менаџирање, планирање и принципите на финансирање); маркетингот на земјоделско-прехранбените производи (сите основни аспекти на маркетингот, како и на пазарите на земјоделско-прехранбените производи); земјоделската политика и политиката на рурален развој (што е од особено значење, имајќи го предвид приспособувањето кон Европската заедничка земјоделска политика); развојот на земјоделството и руралните средини (улогата што ја има овој важен сектор во развојот на економијата, како на државно ниво така и на ниво на приватниот сектор); оперативните истражувања (примената на разни модели и техники за анализа, оптимизацијата и симулирањето на разни појави поврзани со земјоделството и руралниот развој). Во последните години сè поголемо значење добива и поврзаноста меѓу земјоделството и заштитата на животната средина. Тука, агроекономистите дејствуваат во делот на економска процена на интеракцијата помеѓу производствените процеси во земјоделството и природното опкружување, во насока на заложбите за одржлив развој од економски, социјален и еколошки аспект.



Каде може да работи еден агроекономист?

- Основната цел на агроекономистите е да ја зголемат профитабилноста во земјоделството и да насочат кон ефикасно користење на ресурсите. Во рамките на земјоделските стопанства, т.е. на фармите агроекономистите се вклучени во сите работи што се поврзани со употребата на ресурси, управувањето, производството, преработката, дистрибуцијата и употребата на земјоделски производи. Понатаму, некои работат во областа на маркетингот на земјоделските производи и храна, како и во трговијата, во целиот синџир – од поле до трпеза. Можности за вработување има и во банките, микрофинансирачките и други институции каде што се оценуваат проекти врзани со земјоделството и агробизнисот. Дел од нашите дипломирани студенти работат и во државните институции, каде што агроекономистите се ангажирани во делот на развивањето, спроведувањето, анализирањето и оценувањето на ресорните политики. Советодавниот сегмент, како исклучително важен дел од земјоделскиот систем на пренос на информации и иновации, исто така има потреба од вакви кадри.

Кои се главните предизвици со кои се соочува секторот и каде е улогата на младите генерации?

- Во овој важен сектор се соочуваме со голем број предизвици, од кои повеќето се стратегиски определби на нашата земја за развој на секторот: како да се зголеми конкурентноста на земјоделството и прехранбената индустрија, да се модернизираат капацитетите, да се подобри продуктивноста, да се овозможи развој на руралните средини и одржливо управување со природните ресурси. Се отвораат многу нови можности во насока на зелената економија, циркуларното користење на ресурсите и паметната специјализација, каде што овој сектор има клучна улога. Потребна е нова, едуцирана генерација на кадри, која со здобиеното знаење, вештини и компетенции преку факултетското образование, но и со претприемливоста и иновативноста, ќе се ангажира и ќе го искористи потенцијалот на секторот!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование