X
 31.08.2017 Образование

Доц. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на ФЗНХ: Теоријата ја потврдуваме со пракса, а дипломирањето кај нас нуди големи можности за вработување

Како течат уписите на нови студенти, за кои програми може да се конкурира во вториот и третиот уписен рок, какви можности за вработување нуди Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се само дел од темите за кои разговаравме со доц. д-р Ромина Кабранова, продекан на ФЗНХ. Таа објаснува и какви можности за студирање нуди оваа образовна установа, како се изведува наставата и теориски и практично, но и кои врати ги отвора дипломата дипломиран земјоделски инженер



Факултети.мк: Како помина првиот уписен рок на Факултетот за земјоделски науки и храна-ФЗНХ?

- Задоволни сме од текот на електронското пријавување и доставувањето на документите. Сè помина беспрекорно, без нерегуларности, сè течеше според правилата и критериумите објавени во Конкурсот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ -УКИМ за упис на студенти во учебната 2017/2018 година. Идните студенти располагаа со потребните информации за избор на посакуваната студиска програма. Немаше ниту еден поднесен приговор во однос на прелиминарните ранг-листи. Што се однесува до бројот на пријавени студенти, секогаш може и подобро, но ако се земе предвид бројот на средношколци што матурирале оваа година, слободно можеме да кажеме дека сме задоволни, пред сè поради фактот што ни претстојат вториот и третиот уписен рок.

Факултети.мк: За кои студиски програми може да конкурираат идните студенти и што нудат тие?

- Идните студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна може да конкурираат на 10 современи и акредитирани студиски програми кои се усогласени според светските текови, потребите на пазарот на трудот и целокупното стопанство во државата и пошироко. Тоа се студиските програми: Агроекономика, Анимална биотехнологија, Градинарство и цвеќарство, Квалитет и безбедност на храна, Екоземјоделство, Заштита на растенијата – фитомедицина, Лозарство и винарство, Овоштарство со лозарство, Поледелство и Преработка на земјоделски производи со модулите Анимални преработки и Растителни преработки. Сите насоки имаат свои специфичности во однос на наставните програми, а согласно на тоа, се изградува стручен профил кој има свое место на пазарот на трудот со стекнати вештини и карактеристични способности.

Важно е да се истакне дека младите луѓе во периодот по матурирањето се наоѓаат на една од најважните животни раскрсници. И во минатото тоа беше важен момент на одлука од која зависеше целиот тек на животот. Интересот за земјоделските науки не го лимитира младиот човек да ги проширува своите знаења од другите области. На ФЗНХ доаѓаат сè повеќе кандидати што имаат одлични познавања од ИТ, менаџирањето.... така, оваа година конкурираа голем број средношколци со одлични резултати од нивното досегашно образование. Значи се очекува и квалитетот на студентите да биде на високо ниво, а ние сме навистина задоволни од квалитетот на запишаните нови студенти во првиот уписен рок.

Факултети.мк: Уште колку слободни места има, на кои студиски програми и што очекувате од вториот и од третиот уписен рок?

- Слободни места за конкурирање на ФЗНХ сè уште има, и тоа речиси на сите студиски програми. Повеќе информации за бројот на слободни места и содржината на студиските програми за студентите кои ќе конкурираат во вториот (на 4 септември) и третиот (на 15 септември) уписен рок може да се најдат на нашата веб-страница www.fznh.ukim.edu.mk.

Очекуваме да конкурираат сите што се интересираат за биотехничките науки. Од наша страна можеме да ветиме квалитетна настава поддржана со практичен дел, отвореност и соработка со студентите, соработки со странство и мобилност на студентите итн.. Очекуваме уште поголем одѕив на матуранти во вториот и во третиот уписен рок.

Факултети.мк: Зошто идните студенти да го изберат ФЗНХ?

- Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје се вбројува меѓу најстарите високообразовни институции во државата, па слободно можеме да кажеме дека сме еден од основоположниците на високото образование во Република Македонија.

Како водечка институција од областа на земјоделството и производството на храна, факултетот годинава одбележува 70 години од своето постоење, што значи дека за кандидатите што одлучиле да започнат со студии оваа година, ова е уште еден предизвик, огромна чест, но и одговорност што ќе ја претставуваат јубилејната генерација бруцоши.

ФЗНХ располага со професионален наставен кадар кој ги едуцира студентите и им нуди можност за научноистражувачка работа. Просторните услови ги задоволуваат критериумите што треба да ги обезбеди една високообразовна институција, односно 10.000 квадратни метри функционален простор за реализирање на сите активности и дејности на институцијата. Факултетот располага со шест големи амфитеатри, над 30 предавални за помали групи на студенти, над 40 студентски и истражувачки лаборатории, од кои голем дел се акредитирани и овластени за вршење различни анализи согласно потребите.

Теоретското знаење се трудиме да го потврдиме со пракса, преку директни истражувања на терен и во лабораторија. Добиените резултати претставуваат понатамошна база за стопанството и справување на човештвото со различните проблеми како резултат на глобалните климатски промени, зголемувањето на потребите за храна и вода, и на сè поголемата загаденост на сите сфери на живот.

Новите кандидати треба да знаат дека факултетот обезбедува услови за пракса во над 250 државни институции и приватни компании на целата територија на државата, што е еден од основните предуслови за понатамошно стручно усовршување и подигнување на самодовербата кај младите луѓе кои се соочуваат со проблемот на недоволно искуство по дипломирањето. Факултетот има соработка со познати и признати универзитети и истражувачки центри во Европа и пошироко во светот, во кои студентите имаат можност за мобилност и усовршување. Нашите студенти изведуваат практична настава и надвор од нашата држава, за што Факултетот има склучено повеќе договори за соработка.

Факултети.мк: Какви се можностите за вработување по дипломирањето и што сè може да работат дипломираните?

- Производството на здравствено безбедни земјоделски производи, нивната преработка и заштитата на животната средина претставуваат голема одговорност на целата заедница. Ова, всушност, претставува еден цел синџир во кој клучна улога има поединецот, како дел од тимот кој ги следи правилата на игра. Тука секако огромна улога има образованието, односно едуцирањето на идните агрономи, при што од особено значење е создавањето услови за нивно идно надградување следејќи ги новите трендови во земјоделството на глобален план.

Можностите за вработување се големи ако се земе предвид дека земјоделството претставува базична стопанска гранка во нашата држава. Многу наши дипломирани студенти се вработуваат и се успешни во работата во многу државни институции (Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за образование и наука, Министерство за економија, Агенција за храна и ветеринарство...); државни служби (инспекциски служби, судски вештаци, царински служби ...); образовни институции (средни училишта, факултети), научноистражувачки институти (лаборатории за контрола и безбедност на производството); земјоделски комбинати, банки, осигурителни компании, преработувачки капацитети (кланици, пиварници, винарници, тутунски компании, компании за семепроизводство), ревизорски куќи, организации што работат на заштитата на животната средина, компании кои започнуваат свој приватен бизнис (растително и анимално производство, извоз на свежи и преработени производи, земјоделски аптеки), маркетинг агенции, сертификациски куќи од областа на земјоделството и многу други институции, не само во државата туку и во странство.

Традиционално е познато дека дипломираниот инженер агроном има отворени врати дури и во светски рамки, затоа што дипломата стекната на овој факултет е признаена и надвор од границите на државата, на сите континенти. По дипломирањето на ФЗНХ земјоделските инженери имаат светла иднина не само како стручен кадар од областа на земјоделството туку и како резултат на потенцијалот што го поседуваат како интелектуалци.

Денес, факултетот може да биде горд на над 7.800 дипломирани студенти, над 500 магистри на науки и околу 270 промовирани доктори на науки.

ФЗНХ континуирано овозможува понатамошно усовршување не само за нашите дипломирани студенти туку и за сите оние што покажуваат интерес во областа на земјоделството и храната, односно биотехничките науки. За таа цел, ФЗНХ има акредитирано 10 студиски програми на втор циклус студии со 34 модули од различни области. За студентите со завршени магистерски студии, факултетот нуди шест акредитирани студиски програми на трет циклус. Повеќе информации за студиските програми на втор и трет циклус студии заинтересираните можат да најдат на веб-страницата на факултетот, www.fznh.ukim.edu.mk.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование