X
 12.09.2019 Наша тема

Какви се платите на наставниците во регионов?

Платите на наставниците се потпросечни во земјава. Факултети.мк направи споредба помеѓу личните примања на колегите на нашите наставници во земјите од регионот. Од земјите што не се во Европска Унија најдобро платени (од годинава) се просветните работници од Косово, кои откако штрајкуваа се изборија за плати до 600 евра. Конкретно, воспитувачите во градинките имаат околу 540 евра, наставник во основно има 350 евра, а во средно помеѓу 585 и 620 евра. Косовските наставници го постигнаа тоа во февруари откако штрајкуваа и синдикатот за образование и владината коалиција се договорија. За илустрација, просечната национална плата во оваа земја е 504 евра.

Албанија, слично како нас, не може да се пофали со големи плати во образованието. Според информација од април, наставник во одделенска настава има плата од 34.000 до 39.300 леки (односно 280-322 евра), наставник во предметна настава до 345 евра, во специјално училиште – 370 евра, а исто толку се платени и во средните училишта. Просечната национална плата во Албанија е околу 330 евра.


Македонските просветни работници се меѓу најмалку платените во регионот. Според податоците што ги добивме од Синдикатот за образование и наука: 21.668 денари има наставник во основно образование, 22,558 – наставник во средно, додека наставниците во специјалните училишта – 22.700. Со последното покачување за воспитувачките и негувателките во градинките тие имаат малку повисоки плати од наставниците, односно 23.731 денари.

Според српски „Данас“, во Црна Гора во мај е исплатена плата од 513 евра, во Босна и Херцеговина во април – 470 евра.
Деновиве и во Хрватска наставниците го креваат својот глас за повисоки плати. Просечната исплатена плата во април изнесува 858 евра. Во Романија мајската плата изнесувала 657 евра.

Просечната плата во Грција, според податоците на СОНК, изнесува 938 евра, додека во Словенија околу 1.000 евра.

На 2 септември добар дел од наставниците го поддржаа предупредувачкиот штрајк во образованието. Доколку Министерството за образование и наука не ги зголеми платите за 25 отсто, СОНК најави генерален штрајк кон крајот на месецов.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема