X
 13.01.2017 Живот

Што не е во ред со сите родени по 80-тите?

Ги обвинуваат дека се нарцисоидни, себични, нефокусирани, мрзеливи... Работодавците се збунети со нивното однесување па ги прашуваат што сакаат да работат, а тие велат: „Сакаме да работиме за компанија која има повисока цел, сакаме да го промениме светот, сакаме бесплатна храна и вреќи за седење“. Тогаш работодавецот ги исполнува нивните барања, а тие поради некоја причина, повторно не се среќни. Зошто?

Постојат четири клучни фактори - воспитување, технологија, нетрпеливост и опкружување. Генерацијата која ја нарекуваме „милениумци“ растат со погрешна стратегија на воспитување, со која постојано им се кажува дека се посебни, дека можат да имаат што сакаат во животот, само затоа што го сакат нештото. Некои од нив спаѓаат меѓу подобри ученици само затоа што нивните родители се жалеле, некои добиле одлични оценки не затоа што ги заработиле, туку затоа што наставниците не сакале да си имаат работа со родителите. Добивале медали за учество - има дури и медал за оној кој бил последен, нешто што го обезвреднува медалот и наградите за оние кои напорно работеле. Кога луѓето кои биле последни, а освоиле медал, ќе завршат факултет и ќе добијат работа, и кога ќе ги „фрлите„ во реалниот свет, тие истиот момент сфаќаат дека не се посебни, дека мајка им не може да ургира унапредување, дека нема ништо да добијат ако стигнат последни и дека не можат да имаат нешто само затоа што сакаат да го имаат. Во тој момент, нивната претстава за себеси е уништена. Па така, имате цела генерација која расте со помала самодоверба од претходната генерација.

Друг проблем кој ја влошува ситуацијата е тоа што растеме во светот на Фејсбук и Инстаграм. Со други зборови, добри сме во разубавување на работите, добри сме во тоа да им покажуваме на луѓето колку животот е сјаен, и покрај тоа што сме депресивни. Сите звучат како да се силни, како се' да сфатиле, а во реалноста постојат мал број на силни луѓе.

Да ја додадеме технологијата. Знаеме дека кога користиме мобилен телефон или социјални мрежи, нашето тело лачи допамин, хормонот на среќа. Поради тоа се чувствувате убаво кога ќе добиете порака. Поради тоа ги броиме лајковите, поради тоа се враќаме 10 пати за да видиме колку се популарни нашите фотографии на Инстаграм. За децата е траума ако некој ги избрише од пријатели. Допаминот е истата хемикалија поради која се чувствуваме добро кога пушиме, кога пиеме и кога се коцкаме. Со други зборови, предизвикува зависност. Постојат старосни граници кога станува збор за цигарите, алкохолот и коцкањето, а немаме старосни граници кога станува збор за мобилните телефони и социјални мрежи. Тоа е како да отворите бифе со алкохол пред тинејџери и им кажете: „Ако ве мачат тинејџерски проблеми, послужете се..“ Токму тоа се случува. Тинејџерите имаат пристап до зависниот допамин, додека поминуваат низ стресниот период на адолесценција, преку мобилните телефони и социјалните мрежи. Зошто е ова важно? Скоро сите алкохоличари го откриле алкохолот додека биле тинејџери. Кога сме мали, потребно ни е одобрение од родителите, но кога поминуваме низ периодот на адолесценција, поминуваме низ транзиција каде ни е потребно и одобрување од врсниците. Тоа е фрустрирачки за родителите, но доста важно за нас, бидејќи на тој начин се прилагодуваме на широката заедница во која живееме.

Знаеме, науката е јасна - кај луѓето кои поминуваат повеќе време на Фесјбук е поголема стапката на депресија отколку кај луѓето кои помалку време поминуваат на Фејсбук. Алкохолот не е лош, туку преголемата количина е лоша, коцкањето е забавно, но премногу коцкање може да биде опасно, не постои ништо лошо во мобилниот телефон и социјалните мрежи, но станува збор за дисбаланс. Ако вечерате со пријател и испраќате пораки на некој кој не е тука, тоа е проблем, тоа е зависност. Причината за тоа што не можете да го тргнете телефонот е тоа што сте зависни. И како секоја зависност, таа со текот на времето ќе ја уништи вашата врска, ќе ве чини време и пари и ќе ви го направи животот полош.

Имате генерација која расте со ниска самодоверба, без механизам да се носи со стресот. Сега на тоа додајте го и нетрпението
. Растењето во свет на инстант награди. Сакате нешто, одите на Амазон и тоа ви стигнува следниот филм. Сакате да гледате филм, го гледате веднаш, не мора да чекате да се прикаже на телевизија. Се' што сакате го добивате истата секунда. Единствено нешто што не можете да го добиете веднаш е задоволството во работата и односот со луѓето. За ова не постои апликација. Ова се бавни и комплицирани процеси. Младата генерација мора да научи да биде трпелива, да научи дека за некои работи како што е љубовта, исполнетоста во работата која ја работите, радоста, самодовербата, вештините, потребно е време.

Тоа води до четвртата точка - опкружувањето. Ако ги земиме сите тие фантастични деца и ги ставиме во корпорации на кои им се поважни бројките, а не луѓето, ги интересира повеќе краткорочната добивка, отколку долгорочниот живот на овие млади лица, ги ставаме во опкружување кое нема да им помогне да изградат самодоверба, кое нема да им помогне да ги научат вештините на соработка, кое нема да им помогне да ги совладаат предизвиците на дигиталниот свет. Тие мислат дека е до нив, но не е, станува збор за целосен недостаток на добро лидерство во светот. Мораме да вложиме дополнителен напор за да им помогнеме да изградат самодоверба, да ги научиме на социјални вештини. Кога ќе одиме на вечера со пријателите, треба да ги оставиме телефоните дома. Кога сме на состанок, не треба да ги носиме телефоните. Треба да зборуваме со колегите бидејќи така се воспоставува односот меѓу луѓето. Зошто алкохоличарот го исфрла алкохолот од дома? Затоа што не може да ѝ верува на силата на неговата волја, едноставно не сме толку силни. Кога ќе го отстраните искушението, тогаш е многу лесно. Ако немате телефон, ќе можете да уживате во светот околу себе - тогаш се раѓаат идеи. Постојано ангажираниот умне може да произведе иновативни идеи, иновацијата се случува кога нашиот ум слободно лута.

Кога ќе одите да си легнете, оставете го телефонот во дневната соба, отстранете го искушението.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот