X
 13.01.2020 Наша тема

Бегаме од националните обележја зашто не знаеме какво богатство имаме

Наспроти досегашното примарно поврзување на шаманизмот со религиозните практики на средна и северна Азија, ги детектиравме шаманистичките елементи во наши локални рамки и нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек. Со тоа покажавме дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство - вели Витанова-Рингачева, која е доктор на филолошки науки

Деновите од Божиќ до Водици – Богојавление меѓу народот се познати како погани и нечисти денови. Според народните верувања, во овие денови по земјата шетаат зли духови, демони, лоши сили, народот верува дека водите се нечисти, опседнати со зли духови, дека крстот е врзан, немоќен да ги протера злите сили - вели проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, доктор по филолошки науки, која во последните седум години го истражува фолклорот, а поконкретно шаманизмот во нашата народна традиција. Од нејзината работа произлезе и книгата „Шаманизмот во македонската народна традиција“, која беше објавена во декември во издание на „Македоника литера“.


Проф. д-р Ана Витанова-Рингачева

Витанова-Рингачева е наградувана и за нејзината поезија, а е доцент на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со неа поразговаравме за повеќе теми поврзани со нашиот фолклор, но и за шаманските традиции кои сѐ уште се среќаваат на наша почва.

Дванаесетте некрстени денови до Водици се тесно поврзани со русалиската традиција во Македонија. Кои биле русалиите?

- Овој период во себе вклучува обреди и верувања кои немаат христијански обележја, туку по својата форма и функција му припаѓаат на фолклорот и претставуваат вид траги од древните претхристијански култови и верувања, во кои ја препознаваме симболиката на привремено бришење на границите меѓу светото и профаното и воспоставување на едно т.н. „минливо или лиминално време“. Според Шапкарев (кој во 1884 год. го дава првиот детален опис на русалиите) во времето на т.н. погани дни по селата меѓу Ениџе-Вардар и Кукуш одат дружини наречени русалии да собираат пари и подароци за градење нова црква. Русалиската дружина ја сочинуваат од 20 до 60 мажи на возраст од 20 до 40 години кои формираат 10-20 пара, секој пар претставува едно неразделно цело, а сите заедно формираат еден танц или едно оро. Танцот придружен со екстазата, а предизвикан од силната моќ на музиката е начинот како да се отстрани границата меѓу световите, а русалијата, од обичен човек, станува медијатор меѓу материјалниот и духовниот простор. Исцелителската функција на обредното танцување и врската на македонските русалии со култот кон мртвите неоспорно го поврзуваат овој обред со шаманистичките искуства на древниот човек. Денес русалиската игра ја негуваат само културно-уметничките друштва кои се обидуваат да ја зачуваат оваа древна традиција.


Членови за КУД „Русалии“, с. Секирник, во дворот на црквата изградена со помош на некогашните русалиски дружини (Фото: Ана Витанова-Рингачева)

Од кога Ве интересира шаманизмот во нашaта култура?

- Шаманизмот почнав да го истражувам пред околу седум години. Тоа беше време кога уписот на докторските студии ми беше предизвик и долго размислував за темата на моето истражување. Предизвик ми беше компаративната фолклористика, но интимно посакував тема која ќе биде доволно привлечна за истражувањата да ми бидат задоволство, а не тежина. Во разговор со мојата ценета професорка од Филолошкиот факултет при УКИМ, проф. д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ (воедно и мој ментор), ги добив највредните совети што еден студент може да ги добие од својот професор: „Ако се зафатиш да истражуваш, тогаш земи тема за која нашата наука малку знае. Создај си свој концепт за да можеш да владееш со темата, само така ќе дојдеш до нови и интересни факти“. Така дојдовме до идеја да докажеме дека шаманизмот како архаичен феномен не само што не е историски надминат, туку има и свои реликти во македонската народна традиција. Наспроти досегашното примарно поврзување на шаманизмот со религиозните практики на средна и северна Азија, ги детектиравме шаманистичките елементи во наши локални рамки и нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек. Со тоа покажавме дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство.

Кои се, всушност, шаманите?

- Во верувањата на древниот човек шаманот се перципирал како свештеник, исцелител, закрилник и мистик. Се верувало дека душата на шаманот во состојба на транс предизвикан најчесто од звук на тапан има способност да го напушти телото и да патува по космосот, да се качува во небесниот свет и да се симнува во светот на подземјето. Шаманот се смета за закрилник на племето и племенските обичаи, митови и легенди, едноставно тој е чувар на материјалното и духовно богатство на заедницата. Сепак, најзначајна останува улогата на исцелител кој ја доживува болеста во облик на губење на душата која залутала под влијание на некој зол дух.

Постојат ли денес остатоци од шаманизмот?

- Шаманизмот како систем од екстатични и терапевтски методи, чија цел е да се воспостави контакт со паралелниот и невидлив свет на духовите, е присутен во религиите на сите континенти и на сите нивоа на култура. Парадигматичен обред за релацијата шаманизам-култ кон мртвите претставуваат трансните ритуални игри од источниот дел на Балканскиот Полуостров, како што се русалиите (Македонија), русаље/краљице (Србија), анастенариите (Грција) и калушарите (Романија). Овие обредни игри претставуваат остатоци од една архаична појава чиј заеднички именител е токму исцелителската функција – лекувањето низ игра и танц на опседнатост од духовите. Во македонскиот фолклор шаманизмот се препознава како „преживелица“ или „културен остаток“ кој се детектира во македонскиот обреден и приказничен фолклор.

Постојат многубројни народни верувања за постоењето на т.н. змејовити луѓе, кои слично на шаманите можат да влијаат врз атмосферските појави. Шаманистички елементи препознаваме и во танцот на русалиите. Македонските народни верувања и приказни запишани од Цепенков и Обрембски, оригиналните фолклористички единици, запишани од еден од најголемите живи фолклористи на денешницата, Иван Котев, како и моите лични теренски истражувања во струмичкиот и гевегелиско-валандовскиот регион, претставуваа солидна предлошка за аргументација на поставените тези.

Можеме ли да зборуваме за современ шаманизам?

- Шаманизмот денес претставува резултат на непресушната народна мудрост, но никако не би можел да се наметне како доминантна форма на духовно дејствување. Шаманите би можеле да дејствуваат како индивидуалци кои би ги афирмирале духовните принципи кои значат враќање на праизворот на љубовта, силата и вистината. Шаманите создаваат еден вид мостови меѓу световите, тие се толкувачи на космичката поставеност на нештата, интеракцијата меѓу просторните нивоа на животот, а нивната основна задача е да развиваат силни индивидуи способни да го продолжат развојот на човечкиот род во вистинска насока. Сржта на шаманизмот, неговите следбеници ја бараат во убедувањето дека сите ние сме дел од едно суштество или сила која може да ја наречеме Бог, Праизвор или Космичка свест и дека сите живи суштества во универзумот се поврзани со една заедничка нишка.


Русалиска дружина од с. Стојаково, Гевгелија, 1934 (од фотоархивата на Доца Стефанова)

Фолклорот е сфера на Ваш научен интерес. Имате ли впечаток дека како народ бегаме од нашите обележја, особено во последната деценија? Колку сме под влијание на глобализацијата?

- Фолклорот е највредното наследство што во владение ни го оставиле нашите претходници. Историскиот континуитет на еден народ најлесно се согледува преку увидот во усната и пишана оставина, создавана како индивидуален или колективен ангажман. Колективот несвесно создавал, напластувал слоеви богатство во трезорот на усната народна традиција, со тоа создал неверојатно цврст темел врз кој се градел националниот идентитет на народот. „Бегството“ од нашите национални обележја најверојатно се должи на недоволното познавање на богатството што го поседуваме. Речиси секоја педа на која нашиот човек стапнал и пуштил корен чува нешто вредно, чува песна, сказна, предание, легенда.

Додека историјата кроела и прекројувала граници, а туѓите окупаторски умови ја кроеле судбината на еден мал народ, токму тој народ пеел, раскажувал, создавал, верувал во невозможното, само за да опстане и во најстрашните невремиња. Селен и раселуван, раслојуван и разнебитуван, Македонецот никогаш не престанал да создава и да ја крепи својата душа, потпрен на цврстото рамо на традицијата. Засолнет во нејзината пазува, барал надеж и утеха, но и поткрепа на мислата дека корените ни се длабоко приклештени, некаде во некое далечно, речиси незнајно време. И оттаму како да одекнува ехото на народниот пејач кој со торжествен глас пее пренесувајќи ја песната низ времето до денес. Бескрајната низа тешко се кине, долга е и силна, на места јазлеста, кога под налетот на непријателската рака се склопчувала за да ја сочува својата сила, да не се скине, за да не ја уништат.

Во таа смисла, народ кој има високо развиена свест за значењето на фолкорот како најголемо богатство не смее да си дозволи агресивните глобализациски сили да му го умртват духот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема