X
 13.03.2023 Живот

За јазикот, за нас

Кога се зборува и/или се пишува за мајчиниот јазик, неодминливи се бројните споредби и метафори од типот: јазикот е нашиот корен, идентитет, аманет; нашата душа, татковина, амајлија; нашето било, битие, постоење. Јазикот е нашиот препознавачки ген низ вековите, идентификациски код меѓу различноста на другите, ознака и белег на нашето физичко и духовно простирање на мапата на светот. Јазикот е мислата водилка и мислата спојница што го браздела патот од времето кога сме ја имале само желбата за создавање сопствен јазик до времето денес кога сме создавачи на безброј јазични творенија, пренесувајќи ги и поврзувајќи ги визионерските мисли и дела на бројните познати и непознати автори, од Црноризец Храбар преку Крсте Мисирков до Блаже Конески. Ги има многу низ историјата, анонимни или потпишани низ страниците на ракописите, нè има уште повеќе денес кога јазикот е најмоќната алатка со која ги создаваме приказните за светот, и за нас.

Патот на пробивање и докажување, творење и восприемање, колку бил трновит и предизвикувачки, толку бил и величествен и восхитувачки, пат на творечки успеси и падови, авторски и колективни дострели и одрекувања. Впрочем, таков и треба да биде создавачкиот процес на нешто што е трајно и обединувачко за една нација, спознајната врвица на нешто што ги носи признакот на привилегираност и симболот на достоинство за сите оние што се предодредени да бидат негови носители, создавачи и пренесувачи на моќта и магијата на зборот што се учи од раѓање.

За процесот на создавање, издигнување, стандардизација и афирмација на секој мајчин јазик, па и на македонскиот, постојат безброј факти и документи од лингвистички, историски, книжевен, културолошки аспект. Само врз основа на вакви аргументирани докази јазикот ја има привилегијата на национално обележје и ја добива можноста за поистоветување со неговите носители. И тоа е фактичка состојба, надворешна страна на јазикот, нишка на физичко поврзување меѓу јазикот како средство за комуникација и неговиот корисник. Но што е со внатрешната страна или со духовната врска? Дали постои и ако постои, која е и каква е таа сила што има моќ да создава апстракција? Ако тргнеме од она што е движечка сила на човекот во сите негови светови, реален, замислен, создавачки, сонувачки, лесно ќе дојдеме до одговорот: љубовта е силата што го движи човекот, и го движи човештвото напред. Љубов кон работата, кон природата, кон книгата, љубов кон човекот, кон светот, кон јазикот.

Зарем некој од нас би можел да успее, да опстојува или да создава ако не чувствува љубов кон она што го прави? А една од првите работи што ги прави секој од нас е усвојувањето на мајчиниот јазик. Процес што трае целиот наш живот, започнува спонтано, расте и се усовршува заедно со нас, станува нашата духовна сенка што постојано нè инспирира и ги инспирира другите, нè прави тоа што сме – луѓе, создатели, привилегирани битија. И се учи јазикот како и сè друго околу нас. Го учиме со љубов и преку љубовта на оние што нè учат. Го примаме преку сите наши сетила, дразби, вибрации, слики, бои. Учејќи од другите и учејќи ги другите, во процес што постојано се повторува и претставува совршена цивилизациска придобивка. Учењето на јазикот не е само учење на знаците и нивно толкување, ами многу повеќе. Учење преку јазикот за јазикот на оние пред нас, оставање траги за оние што идат по нас, за моќта на напишаното со мастило во далечниот деветти век, за мудроста на народните ткаеници, за везовите на душата, за везилките на современиот јазик во колажот на испреплетени поими, зборови, јазици.

Сакајќи го јазикот и учејќи го јазикот, ние се сакаме самите себеси и ги сакаме другите, учиме за нас, кои сме и што сме во светот, меѓу другите, се развиваме, се усовршуваме, се стремиме кон најдобрата верзија од себеси како единка и како колектив. Јазикот е нашиот часовник на времето во кој и стојат и се движат сите физички и духовни записи, сите споделени мисли и спомени што човекот ги брише, а јазикот ги чува дури и од заборавот на времето. Зашто јазикот е секогаш на стража, нашиот вечен и верен стражар, јазикот е онаа неуништлива петреандреевска тревка, и онаа неповторлива блажеконеска аксиома: „Јазикот е нашата единствена татковина“.

Јазикот сум јас, јазикот си ти, јазикот сме ние. Пирејот на новото време!


Автор: Елизабета Бандиловска, професор по македонски јазик на Педагошки факултет при УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот