X
 13.04.2019 Живот

„Му однесов шише со вода од Јадранот на Асанж, а она што го направи кажува колку му беше тешко“

Лондонската полиција во четвртокот го уапси основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кој пред речиси седум години доби засолниште во еквадорската амбасада во Лондон.

Асанж има пријател од Балканот - хрватскиот филозоф Среќко Хорват, кој последен пат во амбасадата бил во ноември минатата година.

- За мене ова не е изненадување, но сум шокиран, пред сè, поради фотографиите од човекот кој британската полиција го изнесува надвор. Тоа е човек кому му е потребна лекарска помош во овој момент. Тој моментално се наоѓа во подрумот на лондонската полиција, на уште полошо место отколку во амбасадата - вели тој.

Хорват додава дека со Асанж се познаваат со години. Тој раскажува и анегдота за да покаже колку му било тешко на Асанж во изолација, без можност да излезе надвор.

- На една од нашите последни средби му однесов шише вода од Јадранското Море и прво што направи, спонтано, се напи чаша вода само за да вкуси како е тоа - се присетува Хорват.

Тој нагласува дека сега се случило она што сите што го поддржуваат го зборуваат со години - дека постои барање за негова екстрадиција, издадено од американските власти, иако британските служби досега одбиваа да потврдат или да негираат дека тоа постои.

- Дури кога го повлекоа азилот, што е противзаконско според еквадорскиот закон, британската полиција го приведува, а Тереза Меј пушта информација во јавноста дека постои барање за екстрадиција во САД - вели Хорват.

Тој верува дека британската премиерка има и лична корист од апсењето бидејќи го одвлекува вниманието на јавноста од лошата бесконечност на Брегзит.

- Што и да мисли некој за Асанж, за неговите ставови, мислам дека ова е преседан кој сигурно радикално ќе ја промени иднината на новинарството - вели Хорват.

Тој е сигурен дека ова апсење за Асанж претставува продолжување на борбата, а не нејзин крај.

- Исклучително е важно сите професионалци во медиумите исто така да се огласат за ова - прво дојдоа по Асанж, ќе дојдат и по другите - заклучува Хрватот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот