X
 13.04.2023 Живот

ХЕРА: Стапката на непланирана бременост кај адолесцентите во земјава е 11 отсто и е една од највисоките во Европа

Стапката на непланирана бременост кај адолесцентите во земјава е 11 отсто и претставува една од највисоките во Европа. Дополнително, стапката на малолетнички породувања е 15,7 на 1.000, што е речиси трипати повеќе од просекот од 6 на 1.000 породувања за земјите од Европската Унија. Најголем број меѓу малолетните мајки се Ромки, а сепак пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје им е ограничен. Ова се дел од информациите што беа споделени на дебатата „Колку се младите мајки, а особено Ромките, препознаени и услужени од системот на здравствена и социјална заштита“, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Според истражувањето за влијанието на ковид-19 врз пристапот на младите до информации за сексуалното и репродуктивното здравје, спроведено од младинската група во рамки на регионалниот проект „Младите зборуваат, младите одбираат“, дури 38 отсто од опфатените млади Роми се соочиле со тешкотии да дојдат до потребните информации за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ).

- Младите од ранливите заедници за многу теми од СРЗ покажале двојно поголема потреба од информации за разлика од општата популација. За младите мајки и за бремените, што е и за очекување, прашањата за бременост, породувања и грижа по породувањето биле од најголем интерес, додека младите Роми најмногу се интересирале за заштита од гинеколошки инфекции, менструација или третирање на хормонални проблеми. Постојната општествена стигма и дискриминација, но и немањето здравствена документација и осигурување придонеле кај Ромите да биде отежнат пристапот до СРЗ услуги. Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за Ковид-19 влијаеле врз нивната здравствена безбедност, посочуваат од ХЕРА.

Панелистите заклучија дека јавно-здравствениот и граѓанскиот сектор треба многу попосветено да работат на информирање на Ромките во репродуктивен период за достапните услуги и за придобивките од редовното посетување гинеколог, вклучително и за мерките предвидени за ранливите групи на жени во Превентивните програми на Министерството за здравство.

- Дел од решението несомнено може да биде и сеопфатното сексуално образование преку кое ќе се едуцираат младите Роми и Ромки за важноста на возраста во планирањето на бракот и бременоста наспроти постојните штетни практики кои произлегуваат од традицијата, истакнуваат од ХЕРА. ир/сп/

Фото: ХЕРА

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот