X
 13.04.2024 Наука

Мозочните бранови патуваат во една насока кога создаваме спомени, а во спротивна кога се потсетуваме на нив

Во период од неколку секунди лице кое се движи по улица може да го провери телефонот, да се проѕева и да го приспособи одот за да го избегне вирот пред себе. Мирисот од количката со храна може одеднаш да му предизвика сеќавања од детството или да забележи старец како јаде парче пица и да ја зачува оваа слика како нов спомен.

За повеќето луѓе, брзото менување на однесувањето е обичен дел од секојдневието. За невронаучниците, тоа е една од највпечатливите способности на мозокот. Тоа е така затоа што различни активности бараат мозокот да прави различни комбинации од многуте негови региони и милијарди неврони. Како успева да го направи тоа толку брзо - е отворено прашање со децении.

Во труд објавен на 8 март во „Нејчр хјуман бихејвиор“, тим од истражувачи, предводени од Џошуа Џејкобс, вонреден професор по биомедицинско инженерство, фрла нова светлина врз ова прашање. Со внимателно следење на нервната активност на луѓето кои се сеќаваат на спомените или формираат нови, истражувачите успеале да откријат како новиот тип на мозочни бранови, патувачки бранови, влијае врз складирањето и враќањето на спомените.

- Генерално, откриваме дека брановите се движат од задниот дел на мозокот кон предниот додека пациентите ја користат меморијата. Кога пациентите подоцна сакаат да се сетат на истите информации, тие бранови се движат во спротивна насока, од предната страна кон задниот дел на мозокот - изјави Умар Р. Мохан, коавторка на трудот и истражувач во Лабораторијата за електрофизиологија, меморија и навигација во „Колумбија инженеринг“.

Истражувачите велат дека овие наоди ги унапредуваат основните истражувања на невронауката и укажуваат на дијагностички и терапевтски пристапи за нарушувања поврзани со меморијата.

- Со мерење на насоката во која се движат мозочните бранови на една личност, можеби ќе можеме да го предвидиме нејзиното однесување - вели Џејкобс.

Мозочните бранови се модели на електрични осцилации кои ја рефлектираат состојбата на стотици или илјадници поединечни неврони во одреден момент. Едно големо прашање кое останува нерешено е дали мозочните бранови ја поттикнуваат активноста или едноставно се јавуваат како нуспроизвод на нервната активност што веќе се случила. Истражувачите кои ги проучуваат мозочните бранови обично ги третираат како неподвижна појава што се јавува во одреден регион, забележувајќи кога осцилациите во повеќе региони изгледаат синхронизирани.

- Ние ги гледаме нервните осцилации не како независни неподвижни работи, туку како работи кои постојано и спонтано се движат низ мозокот на динамичен начин - рече Мохан.

Овој релативно нов начин на разбирање на мозочните бранови е возбудлив чекор во невронауката бидејќи нуди пат за објаснување како мозокот брзо ја координира активноста и споделува информации низ повеќе региони.

Податоците покажаа дека учесниците имаат тенденција попрецизно да ја извршуваат мемориската задача кога брановите што патуваат се движат во соодветна насока за складирање и потсетување на меморијата.

- Овие наоди фрлаат светлина врз механизмите кои се во основата на обработката на меморијата. Пошироко, тие ни помагаат подобро да разбереме како мозокот поддржува широк опсег на однесувања кои вклучуваат прецизно координирани интеракции помеѓу мозочните региони - рече Мохан.

Извор: Sciencedaily.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука