X
 13.07.2022 Живот

Три златни медали освоија готвачи од Кочани на меѓународен кулинарски натпревар во Србија

Искусниот готвач Иван Велков и неговата млада колешка Клаудија Манасијева од Кочани постигнаа одличен успех на 9. Меѓународен туристички фестивал „Гастрофест 2022“, што деновиве се одржа во Ниш, Република Србија.

Во конкуренција од над 300 готвачи од 11 држави од Европа, кочанските претставници се закитија со шампионски признанија и освоија три златни и еден сребрен медал за кулинарските специјалитети што ги подготвија за време на натпреварот.

- Натпреварот беше поделен во неколку готвачки дисциплини, односно подготвување современи специјалитети, морска храна, паста и ресторански десерти. Јас и Клаудија одделно подготвуваме традиционални и модерни специјалитети од риба, за што освоивме први места. Стручното жири, составено од познати меѓународни готвачки судии, ми ги додели победничкиот пехар и златниот медал и за подготовка на ресторански десерт, додека колешката доби сребрен медал за специфичниот начин на подготовка на паста.

Самиот натпревар е тежок, не само поради големата конкуренција, туку и временското ограничување што конкретно за подготовка на риба е половина час. Од тоа пет минути се за подготовки на боксот за готвење, 20 минути за подготовка и аранжирање на јадењето и последните пет минути за чистење и средување на боксот за следниот натпреварувач. Се оценува буквално сè, од влегувањето во боксот, складирањето и подготовката на артиклите, до техниките на работење, а на крајот изгледот и вкусот на храната - истакна Иван Велков.

Интересот меѓу младите за изучување на кулинарските вештини е многу мал, иако според Велков, постојат добри услови да се пренесе искуството и да се научат вештини што се ценети и добро платени. Потврда за тоа се и наградите што на нејзиното прво меѓународно натпреварување ги освои младата Клаудија Манасијева.

- Со подготовка на храна почнав професионално да се занимавам пред една година и оттогаш постојано учам нови техники, а најголема заслуга за тоа има шефот Иван Велков, кој несебично ми ги открива малите тајни во готвењето. Се трудам секогаш да подготвувам нешто ново и интересно, а од натпреварот во Ниш сум особено задоволна поради тоа што запознав многу колеги и видов различни начини на подготовка на храната. За успех во оваа професија, како и во секоја друга, потребно е да се работи напорно, со многу љубов и посветеност на работата. Знам многу млади луѓе кои би сакале да бидат готвачи, но не се подготвени да вложат толку труд, па најчесто бараат краткотрајна работа што им изгледа полесна и очекуваат да им донесе побрза заработувачка - истакна Манасијева.
Освоените награди на натпреварот во Србија се поттик за Велков и Манасијева да учествуваат на претстојниот меѓународен кулинарски натпревар во Германија, за што имаат поддршка и од хотелот „Сити Ин“ од Кочани, во кој професионално се ангажирани. Исто така, тие ги повикуваат младите, кои се заинтересирани да се занимаваат со оваа професија, да ги контактираат и да почнат да ги учат вештините во гастрономијата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот