X
 14.03.2019 Култура

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе се гледа во 28 држави! Вечерва премиера во „Синеплекс“

По огромниот успех на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска на 69. издание на престижниот филмски фестивал во Берлин и освоените две награди, француската компанија за продажба „Пирамид“, која ги откупи правата за продажба, успеа филмот да го пласира во 28 земји низ целиот свет.

Нашата публика токму вечерва првпат ќе го види филмот. Во 20 часот е закажана македонската премиера во киното „Синеплекс“. Филмот утре ќе има премиера и во киното „Милениум“ во истиот термин и ќе се задржи на репертоар во двете кина. Главната улога во филмот ја толкува актерката Зорица Нушева



Како што известува продукцијата „Сестри и брат Митевски“, прикажувањето на филмот надвор од земјава ќе почне на 1 мај во Франција, а потоа ќе следува кинодистрибуција низ целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до Источна Европа, вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па следуваат Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска и Швајцарија, како и во регионот - Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и во Грција.

Покрај овие, веќе потврдени земји, преговорите продолжуваат и за останатите земји што изразија интерес, како САД, Германија, Мексико и други. Агентот за продажба „Пирамид“ потенцира дека неверојатно добрите реакции на публиката во Берлин и добрите критики на светските критичари придонесоа за овој исклучително голем интерес од дистрибутерите, а пак голем дел од нив веќе го имаа откупено филмот и за време на фестивалот. Тие продолжуваат со работа на пласманот на филмот со учество на најголеми филмски маркети и фестивали по нивен избор во наредниот период.



„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ исто така е продаден и на телевизиската куќа Ејч-би-о (HBO), која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кинодистрибуција.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура