X
 15.04.2019 Култура

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се закити со главна награда на фестивалот во Дортмунд/Келн

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска се закити со уште една престижна награда на штотуку завршениот Меѓународен женски филмски фестивал Дортмунд/Келн (Dortmund | Cologne International Women’s Film Festival).

„Петрунија“ ја освои главната награда на фестивалот, која има парична вредност од 15.000 евра. Овој фестивал е посветен на женски автори и во главната конкуренција се одбираат само 8 филма од целиот свет, кои се натпреваруваат за главната награда. Овој пат тричленото жири се одлучи за „Петрунија“, кој очигледно наидува на одличен прием кај германската стручна филмска јавност.

Жирито, доделувајќи ја наградата, рече: Oдлучивме да му ја  доделиме главната награда на овој филм поради својата извонредност во пренесување приказна за храброста на невработена жена да се спротивстави на воспоставени и затемелени структури на патријархатот. Надминувајќи ја сопствената отуѓеност, таа ја осознава својата моќ да ја возобнови солидарноста во борбата против неправдата.

Теона С. Митевска, за да ѝ биде врачена наградата на завршната церемонија, допатува од филмскиот фестивал Go East во Визбаден, каде што е претседател на интернационалното жири.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 10 април со голем успех го отвори фестивалот во Визбаден, а следната проекција на 12 април беше целосно распродадена и се бараше билет повеќе.

Во април „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ патува на шест фестивали, меѓу кои и Московскиот филмски фестивал.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура