X
 14.08.2023 Живот

Туристите во Шпанија се соочуваат со необичен проблем на плажите - диви свињи

Дивите свињи деновиве сѐ почесто се појавуваат на југот на Шпанија. Најчесто ги има во провинцијата Андалузија, каде што бараат храна во торбите на туристите кои се сончаат на плажите.

Мала група диви свињи неодамна се појави на плажа во градот Марбеља. Исплашените туристи се разбегале, а на нивните торби се нафрлиле диви свињи, кои очигледно мирисале на храна, покажува видео објавено на социјалните мрежи.



Според локалните медиуми, дивите свињи доаѓаат на оваа плажа речиси секој ден. Свињите се појавиле и на други плажи во Јужна Шпанија. За среќа, засега нема случаи на напади.

Во Кабо де Гата, во близина на Алмерија, ситуацијата е толку сериозна што локалните власти им дозволија на ловците да пукаат во тие области до крајот на август.

- Дивите свињи денес речиси немаат предатори во нашата земја, единствените кои можат да го ограничат нивниот број се волците. Но, проблемот е што популацијата на волци е значително намалена - објаснила Андреа Торес од фондацијата за заштита на животните ФААДА.



Снабдувањето со храна во текот на целата година во човечките живеалишта придонесува за нивното парење, кое вообичаено се одвива во зима. Според Торес, климатските промени, кои носат поблаги зими, исто така придонесуваат за растот на популацијата на диви свињи.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот