X
 29.11.2015 Живот

Националниот младински совет на Македонија стана членка на Европскиот младински форум

Младинскиот сектор во Македонија доби големо признание на европско ниво со приклучувањето на Националниот младински сoвет кон Европското семејство на младински организации за време на Генералното собрание на Европскиот младински форум кое се одржа од 27 до 28 ноември во Мадрид.



За претседателот на Националниот младински свет на Македонија (НМСМ) Дамјан Николовски зачленувањето претставува голем чекор за младите, младинските организации и младинскиот сектор во Македонија.

„Ова претставува историски момент не само за НМСМ туку и за сите млади во земјата. Членството ќе овозможи зголемување на капацитетите на младинските организации кај нас, пренесување на европските искуства и практики во нашата земја, како и зајакнување на положбата и позицијата на младите“, нагласи Николовски.

 Според Иван Јованов, член на УО на НМСМ, членството ја покажува зрелоста и спремноста на НМСМ да ги застапува младите од Македонија како во земјата така и на европско ниво.

 „За две и пол години постоење и напорна работа успеавме да бидеме меѓународно признаени како единствено претставничко тело во нашата земја.  Да се биде дел од најголемата европска претставничка организација за млади, претставува поттик за уште поголема вклученост на НМСМ во подобрување на положбата на младите во општеството“, истакна Јованов.

 „Се надеваме дека примерот ќе биде следен и од релевантните институции во Македонија со чија соработка ќе успееме да дејствуваме уште позначајно и на национално ниво. Сега за сега само сакаме да им честитаме на сите вклучени во процесот и гордо да кажеме дека ова членство беше навистина заслужено“, истакна Андреа Угриноска, претставник на македонската делегација во Мадрид.

 Европскиот младински форум (ЕМФ) е платформа составена од Национални младински совети и меѓународни младински организации од цела Европа и брои 100 членови. Формиран е во 1995 година и учествува во креирањето на младинските политики на европско ниво.

Членството на НМСМ доаѓа по едногодишен процес на проценка на внатрешните капацитети на организацијата и нејзиниот кредибилитет како претставничко тело на младите во Македонија.

Целиот процес на зачленување во ЕМФ е заокружен со финална презентација пред 67 организации членки од цела Европа, присутни на собранието, кои со 54 гласа „за“ го изгласаа приклучувањето на НМСМ кон Европското семејство на младински организации.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот