X
 15.02.2023 Живот

Како да аплицирате за субвенционирање на сметката за електрична енергија

Министерството за економија информира дека и во 2023 година продолжува со субвенционирање на сметката за електрична енергија за домаќинства со ниски приходи и ги повикува граѓаните да аплицираат до крајот на месецот.

Како што истакнуваат од Министерството за економија, за оваа мерка се обезбедени 60 милиони денари, а ќе се субвенционираат од 600 до 800 денари од сметката за електрична енергија на домаќинствата во зависност од вкупните месечни приходи кои ги остваруваат.

Финансиската поддршка ќе им биде доделена на домаќинствата чиј вкупен нето-доход кој подлежи на оданочување согласно Законот за данок на личен доход на месечно ниво на членовите на домаќинството во 2022 година не го надминувал износот од:
- 19.000 денари за самец;
- 25.000 денари за домаќинство со два члена;
- 30.000 денари за домаќинство со три члена;
- 36.000 денари за домаќинство со четири члена;
- 43.000 денари за домаќинство со пет члена и повеќе.

Доколку во горенаведените домаќинства член во домаќинството е и:
- корисник на правото на надоместок заради попреченост;
- самохран родител кој не е евидентиран корисник на гарантирана минимална помош и
- корисник на право на надоместок за телесно оштетување,
домаќинството ќе се смета за ранлив потрошувач со приоритет при доделување на финансиската поддршка.

Самците и домаќинствата со два или три члена ќе добијат финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошената електрична енергија во износ од 600 денари месечно, додека на домаќинствата со четири, пет или повеќе членови ќе им биде помогнато со 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето.

Доколку самците и домаќинствата со два или три члена заштедат најмалку 10% од потрошената електрична енергија во тековниот месец споредено со истиот месец во претходната година, ќе се стекнат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во дополнителен износ во висина од 200 денари. При таква заштеда, на домаќинствата со четири, пет или повеќе членови сметката за струја ќе им се намали за дополнителни 300 денари.

За да аплицирате за добивање финансии за електрична енергија, треба да го преземете и пополните барањето (може да го преземете ТУКА) и заедно со него во Министерството за економија да ги доставите следните документи:

-изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целата приложена документација е точна и веродостојна (може да ја преземете ТУКА);

-доказ за барателот и членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни лица, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството);

-фотокопија од последната добиена сметка за 2022 година за потрошена електрична енергија во домаќинството;

-лицата со ниски примања (самците) од овој оглас доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна. Образецот на изјавата (ЗА САМЕЦ) може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се преземе ТУКА

Доколку во домаќинствата има член кој е: корисник на правото на надоместок заради попреченост; самохран родител кој не е евидентиран корисник на гарантирана минимална помош и корисник на право на надоместок за телесно оштетување - со барањето за искористување на финансиската поддршка барателот до Министерството за економија задолжително треба да се достават и следните документи:

-Потврда дека член на домаќинството е активен корисник на правото на надоместок заради попреченост и/или
-Потврда за развод или посмртница за другиот родител или потврда за непознато или исчезнато лице за другиот родител и/или
-Потврда дека член на домаќинството е активен корисник на право на надоместок за телесно оштетување.

Барањето за искористување на финансиска поддршка заедно со потребната документација, барателите по пошта треба да ги достават во ЗАТВОРЕН ПЛИК до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15, 1000 Скопје, со назнака – ЈАВЕН ОГЛАС ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ПОТРОШЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ЗА ЛИЦА СО НИСКИ ПРИМАЊА ЗА 2023 ГОДИНА, ИМЕ И ПРЕЗИМЕ И АДРЕСА НА БАРАТЕЛОТ И ЗАДОЛЖИТЕЛНО НАЗНАКА ЗА БРОЈ НА ЧЛЕНОВИ НА ДОМАЌИНСТВОТО (САМЕЦ, ДОМАЌИНСТВО СО ДВА ЧЛЕНА, ДОМАЌИНСТВО СО ТРИ ЧЛЕНА, ДОМАЌИНСТВО СО ЧЕТИРИ ЧЛЕНА, ДОМАЌИНСТВО СО ПЕТ ЧЛЕНА И ПОВЕЌЕ).

Лицата со ниски примања треба да достават уредно и комплетно барање со сите потребни документи наведени во огласот. Доколку поднесеното барање е неуредно и некомплетно, Комисијата, согласно член 39, став 3 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015) ќе се обрати до барателот и ќе бара во рок од 8 дена уредување и дополнување на барањето.

Едно лице може да поднесе само едно барање за финансиска поддршка на домаќинството.

Во огласот се напоменува дека Министерството за економија по службена должност преку Управата за јавни приходи и преку Министерството за труд и социјална политика ќе изврши проверка на податоците доставени од барателите по овој оглас (податоци за приматели на гарантирана минимална помош и податоци за вкупен нето доход).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот