X
 15.05.2023 Живот

Само 14 проценти од луѓето во брак користат модерни методи на контрацепција

Само 14 проценти од жените или нивните партнери кои се во брак или заедница користат модерни методи на контрацепција. Кај жените кои не се во брак или заедница, 21 процент користат некаков вид модерна контрацепција, соопшти денеска програмската раководителка од ХЕРА, Драгана Каровска-Чемерска, пред почетокот на националната конференција ,,Младите и фармацевтите - заедно за достапна контрацепција“.

Каровска-Чемерска посочи дека во 2005 година стапката на користење контрацепција изнесувала 9,8 проценти, а во 2021 година таа бројка е 14 проценти, од кои 11 проценти отпаѓаат на кондомот.

- Уште повеќе разочарува фактот дека повеќе од 35 проценти од младите сѐ уште се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како традиционална метода за спречување на бременоста - подвлече Каровска-Чемерска.

Марија Ѓорѓиевска, студентка на медицина и амбасадорка за младинско здравје, забележува дека има нарушување на приватноста на пациентите во аптека и дека младите имаат изгубено доверба.

- Ограничени сме со достапни контрацептиви. Одиме во аптека бидејќи е едно од најбезбедните продажни места и те пречекува фармацевтка која смета дека е прифатливо шеговито да коментира за твојот сексуален живот во присуство на други луѓе. Тотално нарушување на приватноста, отсуство на безбеден простор, никаква емпатија. Нормално дека повторно нема да се вратам во таа аптека и поради лошото искуство, ќе размислам дали воопшто во друга аптека да отидам. Исто е и со другите медицински професионалци, поради таа несензибилизираност што владее, едноставно младите имаат изгубено доверба во нив. Потоа е многу тешко да се стекне одново. Но, не е невозможно - вели Ѓорѓиевска.

Според претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова, фармацевтите се многу битна алка во синџирот на здравствени работници.

- Секогаш нашите совети кон пациентите се во насока на превентивно лекување, во насока за подобар исход од кој било третман во лекувањето. Нашите совети се од непроценливо значење. Така е и во делот на контрацептивната терапија, во делот на чувањето на сексуалното здравје, превенција од сексуално преносливи болести - посочи Ставрова.

И заменик-министерката за здравство Маја Манолева смета дека фармацевтите се важна алка во унапредувањето на информираноста на младите во однос на користењето контрацепција и грижа за сексуалното и репродуктивно здравје. Вели дека Министерството за здравство води континуирана грижа за унапредување на политиките за сексуално и репродуктивно здравје, преку зголемување на пристапот на универзални услуги во примарна здравствена заштита.

- Во оваа насока, клучно е подобрувањето на достапноста до гинеколози во државата и целосна територијална покриеност на кадарот во здравствените установи во региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена. Нашата заложба е да ги препознаеме компетенциите на матичните лекари - специјалисти по семејна медицина кои вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје, како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции итн. - рече Манолева.

Посочи дека е обезбедено и зголемување на буџетите во превентивната Програма за активна здравствена заштита на мајките и новороденчињата за контрацепција и медикаментозен абортус.

Оваа практика за зголемување на буџетите за пристап до контрацепција ќе биде наша тенденција и во наредниот период, особено кога станува збор за младите и социјално исклучените категории граѓани - рече Манолева.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот