X
 12.01.2016 Наука

Која е вистината за изумирањето на најголемите суштества кои некогаш господареле со Земјата?

Диносауруси. Сите сме слушнале за тие неверојатни праисториски животни кои некогаш чекореле на нашата планета. Она што не го знаеме е како тие исчезнале од лицето на Земјата. За да ја откриеме мистеријата, потребно е прво да се вратиме наназад се до времето на нивното појавување.



На почетокот на Мезозојската ера, климата на Земјата била мошне сува и топла. Се појавиле видови на влечуги кои со текот на времето развиле нозе и колкови така што успеале да одат исправено на задните екстремитети: ваквите влечуги всушност претставувале првобитни диносауруси. Во текот на периодите Јура и Креда климата драстично се менувала па така низ светот еволуирале различни видови диносауруси. Овие суштества владееле со Земјата скоро 160 милиони години.

Крајот на Мезозоикот го означил и крајот на ерата на диносаурусите. Пред 65 милиони години oгромен астероид, кој при судар со помал објект се распарчил во главниот астероиден појас меѓу планетите Марс и Јупитер, удрил во Земјата, по што започнало изумирањето на диносаурусите. Астероидот со дијаметар од 7-10 километри и брзина од 11 километри во секунда направил огромна дупка на Земјината површина. Доказ за оваа теорија е кратерот, широк околу 200 км, во непосредна близина на мексиканскиот полуостров Јукатан. Поради експлозијата, атмосферата се исполнила со прашина која ја спречувала сончевата светлина да стигне до Земјата и ги заробила ултравиолетовите зраци, по што дошло до загревање на планетата. Овај потрес на Земјината кора бил милијарда пати посилен од атомската бомба која е фрлена над Хирошима за време на Втората Светска војна. Ударот предизвикал земјотреси, цунами, како и серија на силни вулкански ерупции.

Покрај моменталните последици, нашата планета претрпела и долготрајни промени. Прашината во атмосферата предизвикала кисели дождови и забрзан ефект на стаклена градина. Како резултат на тоа, голем број растенија изумреле, а истото се случило и со сите животни чиј опстанок зависел од растенијата. На овај начин дошло до изумирање на диносаурусите заедно со останатите видови на гигантски рептили и морски без’рбетници. Сепак, некои видови птици и цицачи, како поситни, со помалку потреба за храна и поприлагодливи, успеале да ја преживеат катастрофата.

Иако постојат повеќе теории за исчезнувањето на диносаурусите како разни болести, труење од растенија и изумирање поради изгладнетост, оваа е единствената теорија која што е докажана и поддржана од научниците ширум светот.

А нам ни преостанува да се запрашаме: дали денеска би биле тука доколку тој гигантски астероид ја разминеше Земјата?!



Извори:
“Диносауруси” – Џон Лонг ; За македонско издание – Просветно дело АД Скопје 2008
“Визуелна Енциклопедија на Земјата – Мајкл Алаби” ; За македонско издание – Просветно дело АД Скопје 2009

Подготвила:
Ангела Горјанов, студент на насоката ГИС, Институт за географија / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука