X
 18.05.2016 Економија

Зошто Ворен Бафет инвестирал во Apple?

Компанијата „Berkshire Hathaway“ на успешниот инвеститор и милијардер Ворен Бафет инвестираше милијарда долари во акциите на „Apple“. Така, според последниот регулаторен извештај, компанијата е во сопственост на 9,81 милиони акции на „Apple“, чија вредност на крајот на првиот квартал изнесувала 1,07 милијарди долари.


Бафет е познат по тоа дека одбегнува вложување во технолошки компании. Последната негова инвестиција во технолошка фирма е онаа во IBM, а истата не резултирала добро. Бафет најчесто вложува во осигурителни куќи, финансиски фирми и индустриски компании.

Од друга страна, „Apple“ изминатиот месец го објави првиот квартален пад на приходите во последните 13 години, што предизвикало паника на Вол Стрит и страв дека поминале најдобрите денови на компанијата. Дополнителна нервоза предизвика веста дека инвеститорот Карл Икан одлучил да се ослободи од својот дел на акциите во компанијата.



Сепак, во тој најлош квартал на компанијата, „Apple“ заработила 10 милијарди долари повеќе од било која друга компанија. Аналитичарот Филип Ван Дорн за „Marketwatch“ пишува дека компанијата во овој момент претставува типична за инвестирање на „Nerkshire Hathaway“, не само поради значителниот пад на вредноста на акциите, туку и затоа што „Apple“, без оглед на моменталната лоша фаза, и понатаму претставува дава голем приход за вложениот капитал.

Цената на акциите на „Apple“ започнала да паѓа на средината на изминатата година, а во 2016 вредноста паднала за 14%. По веста за инвестицијата, вредноста се зголемила за околу 4%.



Како што пишува „Wall street journal“, одлуката за купувањето на акциите не ја донел самиот Ворен Бафет, туку негов вработен.

Вниманието на јавноста неодамна ја привлече и веста дека Ворен Бафет ќе го финансира преземањето на „Yahoo“. Поточно, неговата компанија финансиски ќе подржи неколку инвестициски фирми кои се натпреваруваат за преземање на овој бизнис.

Според аналитичарот Рик Едмондс од „Fortune“, ова е типично за Ворен Бафет, кој инвестира во бизниси кои се потценети и имат голема база на корисници.



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија