X
 31.03.2024 Економија

Ритуалот за планирање до кој се држат успешните компании

Секој добар тим има свои ритуали. По многубројните истражувања и анализи на тимови кои носат добри резултати и опстојуваат, денес е јасно дека секој има свои правила и тие се клучни.

Истражувачот Шишир Мехотра, претприемач, работи на студија за ритуалите на најдобрите тимови, која ќе биде објавена следната година. Тој набљудувал како работат тимови во големи компании како „Дизни“, „Њујорк тајмс“, „Јутјуб“ и „Канва“ за да види што е тоа што ги поврзува. Неодамна тој сподели една приказна за ритуалите и правилата на добрите тимови кои се однесуваат на времето што го поминуваат на планирање.

10 отсто за планирање

Правилото што тој го издвојува и препорачува за примена во целиот деловен свет е „10 отсто за планирање“. Тој забележал дека планирањето е задолжителна тема и практика во секоја голема компанија. Секој има своја динамика што ја практикува, па некои тимови планираат на квартална, шестмесечна или годишна основа. Но, без разлика на овие периоди, за да се направи план, потребно е одредено време.


Фото: Pixabay

Исто така, некои тимови забележале дека трошат многу време за некои планирања, често на сметка на други важни акции и задачи. Времето е ограничено и драгоцено и треба да се троши паметно. Поради тоа, постои едноставно правило во компаниите да не се троши повеќе од 10 отсто од времето на планирање.

Ритуалот и неговата примена

Примената на ритуалот е многу едноставна. Кога правите годишно планирање, издвојте 10 отсто од годината (околу 5 недели) на планирање на работата. Ако планирате на квартално ниво, дозволено ви е да планирате  шест до седум дена, но не повеќе од тоа. Во спротивно, тоа е губење време. Мехотра наведува дека практиката покажала дека не е толку лесно да се приспособите на планот како што изгледа. На помалите компании им се советува да планираат во помали „порции“, но дефинитивно да го земат предвид времето што ќе го потрошат на тоа.

Од искуството на истражувачите и тимовите за деловно планирање, кварталното и континуираното долгорочно планирање се најчестите циклуси во компаниите.

Како планираат големите компании?

Според анализата на Мехотра, „Канва“ планира тримесечно, а „Дизни“ планира петгодишно. Сесиите на планирање во „Дизни“ траат од јануари до септември, што е 15 отсто од вкупниот период.

„Јутјуб“ комбинира шестмесечно стратешко планирање и шестнеделно брзо планирање. Во двата случаи важи правилото за 10 отсто.

Извор: Bonitet
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија