X
 14.09.2016 Култура

Да ги чуваме од заборав: 74 години од смртта на народните херои Стив Наумов и Мите Богоевски

Деновиве се навршија 74 години од смртта на народните херои Стив Наумов и Мите Богоевски, кои за да не паднат во рацете на бугарскиот окупатор, на 12 септември 1942, опколени од сите страни, извршуваат самоубиство во ресенското село Болно.



Стеван Наумов - Стив е роден на 27 октомври 1920 година во Битола, во печалбарско семејство. По завршувањето гимназија во Битола, во 1938 година се запишува на Техничкиот факултет во Белград, каде пристапува на  напредното работничко движење. Во 1939 година станува член на КПЈ, а по враќањето во Битола, во 1940 година, бил избран за секретар на Месниот комитет за Битола.

Во април 1942 година, Стив учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред “Пелистер”.  На 6 мај истата година, извршил атентат врз озлогласениот бугарски полициски началник, Ќурчиев. Заради своите револуционерни активности, прераснал во легендарна личност.


Стив Наумов


Димитар Богоевски – Мите е роден на 31 октомври 1918 година во с. Болно, Ресенско. Основно училиште завршува во родното место, а Трговска гимназија во Битола. Се запишал и на Економскиот факултет во Белград, но заради лошата материјална ситуација, ги прекинал студиите и се вратил во родниот крај.

Во 1939 година станува член на КПЈ, а подоцна и секретар на партијата во Ресен. Заради својата револуционерна дејност, во 1940 година е затворен во Белград, а во 1942 е уапсен и измачуван од бугарската полиција во Ресен.

Во 1942 година, Мите учествува во формирањето на партизанскиот одред “Даме Груев”.

На 12 септември истата година, на партиска задача во ресенската околија, бугарскиот окупатор ги опколува двајцата соборци и партиски другари кај месноста Долец, близу селото Болно. За да не паднат живи во рацете на далеку помоќниот непријател, извршуваат самоубиство.

Бугарската војска ги изложила нивните тела во селото заради препознавање и ги фотографирала. Потоа двајцата биле закопани во близина на селото, но бидејќи локалното население започнало да ги посетува и чествува гробовите, телата биле откопани и однесени во непозната насока.

По завршувањето на војната, на партизанските гробишта во Битола е подигнат гроб на Стив Наумов, кој и до денес е празен.


Мите Богоевски
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура