X
 04.10.2016 Наука

Научници открија нов тип оган


Не за џабе боговите го казниле Прометеј за најголемата кражба на Олимп, кога ја споделил со луѓето цивилизациската придобивка – огнот, што сè уште предизвикува фасцинација и збунетост кај луѓето.


Научниците од универзитетот во Мериленд, во една студија објавена во Зборникот на Националната академија на науките, опишаа досега незабележана форма на оган. Го нарекоа „синиот вртеж“ пламенот што свети сино и се врти брзо на површината на водата.

„Синиот вртеж еволуирал од традиционалниот жолт пламен“, објаснија Илејн Оран и Глен Мартин, професори на институтот по инженерство и ко-автори на трудот. „Жолтата боја се должи на зрачењето од саѓите, што се формираат кога на горивото му недостасува кислород за да изгори целосно. Сината боја во вртежот укажува на доволна количина кислород за целосно согорување, што значи помалку чад и чист оган.“

Но, синиот вртеж не ја објаснува целосната претстава за огнот. Според некои, тој би можел да се искористи за натамошни проучувања на вртежите во механиката на флуидите.

Научниците се надеваат дека би можел да има и вистинска примена надвор од лабораториите, врз основа на неговите својства што овозможуваат постојан, чист, ефикасен, и пламен што лесно се создава, а би можел да најде примена во прочистувањето на нафтените дамки (нафтеното загадување).

„Огнените вртежи се поефикасни од другите форми оган, бидејќи создаваат многу поголема топлина на површината од горивата, овозможувајќи им побрзо и целосно согорување“, објаснува Мајкл Голнер, асистент по противпожарно инженерство и ко-автор на студијата. „При експериментите што ги изведовме врз водена површина, видовме како се создава огнен вртеж и на кој начин ги повлекува горивата. Ако успееме да постигнеме во поголем обем состојба слична на сините вртежи, би можеле на долг рок да ги намалиме штетните емисии во воздухот.“

Истражувачите не се целосно сигурни за механизмот што ги создава сините вртежи. И покрај тоа, тие се возбудени во врска со неговата висока ефективност и согорувањето со ниска емисија. 
    

   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука