X
 13.11.2016 Наука

Јавeн повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година

Објавен е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година, признание што седма година по ред го доделува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.


 
Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.
 
Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда и/или признание за научно-истражувачка работа, резултатите од научно-истражувачката работа да се објавени и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2016 година.
 
Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел  да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
 
Признанието „Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов.
 
Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.
 
Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник“ беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
 
Во 2013 година признанието го доби м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања.
 
Носител на признанито „Најдобар млад научник“ за 2014 година е м-р Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии.
 
Во 2015 година признанието „Најдобар млад научник“ го доби д-р Михаела Ангелова, која работи во полето на биоинформатиката.
 
Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2016 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.
 
Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2016 година.

Повеќе информации на
http://president.mk/mk/2011-06-17-09-55-07/2011-09-03-11-36-59/4156.html

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука