X
 16.11.2016 Наука

Интервју со Пеце Подигачоски: Докторирал на институтот Каптајн, изучува галаксии стари само неколку милијарди години



Пеце Подигачоски е наш успешен истражувач од областа на астрофизиката. Основно училиште завршил во Гевгелија, средно во Јахја Кемал, а потоа образованието го продолжил на еминтенти светски образовни институции. Неодамна докторираше на Универзитетот во Гронинген каде астрофизиката ја изучуваше во институтот Каптајн. Ни раскажа дека патот од Македонија до овој институт воопшто не бил лесен, но го водела желбата за учење на астрофизика и секако напредок во кариерата.

Факултети.мк: Докториравте астрофизика на универзитетот, Rijksuniversiteit Groningen Холандија на институтот Каптајн . Беше ли тешко да се стигне на оваа образовна институција?

- Иако Универзитетот во Гронинген е еден од 100-те најдобри универзитети во светот, за мене далеку поважни критериуми при избирањето на докторските студии беа реномираноста на тамошниот астро-институт и составот на експертскиот тим инволвиран во моите истражувања. Имено институтот Каптајн (Kapteyn Astronomical Institute), е еден од најдобрите институти во Европа, особено во полето на радио астрономијата и изучувањето на галаксиите. Патот од Македонија до овој институт не беше сосема едноставен, како и секогаш вклучуваше и одредени моменти на среќа, но главно беше определен од мојот интерес за студирање астрофизика и напредок во кариерата. Дипломските студии ги завршив на Универзитетот Јакобс (Jacobs University Bremen), во Бремен, Германија, а постдипломските на (Еразмус) програмата AstroMundus (http://www.astromundus.eu/), во Австрија (Инсбрук), Италија (Рим), и Србија (Белград).

Факултети мк: Која проблематика ја обработувавте во вашата докторска дисертација?

- Пред неполн месец го одбранив докторатот на тема “Создавање ѕвезди и активност на галактички јадра во далечни масивни галаксии” (http://www.rug.nl/research/portal/publications/star-formation-and-agn-activity-in-distant-massive-galaxies(c7865748-9353-4296-873f-68ac08e13774).html), каде што изучував галаксии во раниот Универзум на индиректен начин со помош на инфрацрвени набљудувања спроведени со телескопот Хершел (Herschel Space Observatory). Во кратки црти, процесите на создавање ѕвезди и таложење на материја врз масивните црни дупки (што води до таканаречени активни галактички јадра) се едни од најважните процеси коишто ја одредуваат еволуцијата на галаксиите во Универзумот. Обата процеси ги загреваат астрономските зрнца прав, коишто пак следствено зрачат во инфрацрвениот дел од електромагнетниот спектар. Доколку сте заинтересирани, повеќе детали можете да прочитате во самата докторска теза, кадешто особено ми беше чест да вклучам и резиме на македонски јазик.

Факултети.мк: Претпоставувам дека немавте големи можности да изучувате астрофизика тука во Македонија. Кажете ни нешто за ова научно поле, што е ваша специјалност?

- Од дамнешни времиња, набљудувањето на ноќното небо било една од најважните активности на човекот. Модерната астрофизика е научно поле кое се занимава со важни прашања од типот на: Кога и како започнал универзумот? Што е/се тоа темна материја/црни дупки? Како се создаваат/развиваат/умираат ѕвездите? Кои се условите потребни за живот, и дали сме сами во Универзумот? Одговорите на овие и на многу други прашања поврзани со галактички (во нашата галаксија Млечен Пат) и вонгалактички тела/настани ги бараме главно преку набљудувања (историски гледано спроведени претежно во оптичкиот дел, а во последно време и во сите останати домени од електромагнетниот спектар) и низ компјутерски симулации. Бидејќи и самата Земја емитира инфрацрвена светлина, единствен начин да го изучуваме инфрацрвеното небо е да поставиме телескопи во орбита околу Земјата. Мојата специјалност е главно набљудувачка астрофизика во овој дел во спектарот, а објектите коишто ги проучувам се галаксии од времето кога Универзумот е стар само неколку милијарди години (денес Универзумот е стар речиси 14 милијадри години).

Факултети.мк: Што е специфично за вашата научно-истражувачка работа, во какви лаборатории имате можност да работите, сте имале ли можност да учите од некој што му се восхитувате?

- Иако добар дел научници работат на астро-инструменти (телескопи, камери, и сл., како на пример во институтот SRON кој ја дели истата зграда со институтот Каптајн), спроведуваат професионални набљудувања, или симулации со помош на суперкомпјутери, типичниот астрофизичар пред сè секојдневно работи на компјутер, пришто специјални услови/лаборатории не се потребни. Несомнено најголемиот предизвик во модерната астрофизика, кој бара големи залагања од страна на истражувачките тимови, е добивањето пристап до, односно време на најдобрите телескопи на денешницата. Во мојата научно-истражувачка работа користев главно податоци од Хершеловиот телескоп, далеку најдобриот инструмент кој било кога набљудувал во инфрацвениот дел од спектарот, кој чинеше околу милијарда евра, а имаше мисија од помалку од четири години. Од друга страна, добро познато е дека една од главните карактеристики на академската работа се бројните конференции, семинари, работилници, при што во Гронинген имав чест да присустувам на предавања од реномирани научници како на пример Мартин Рис, Брајан Шмит, Дејвид Рајцe, како и самиот да спроведам работни посети и предавања на познати институции како Харвард, Калтек итн...

Факултети.мк: Каде и што работите во моментов?

- Во последната година од докторатот почувстував потреба од нови предизвици, и по детално анализирање се одлучув за значителна промена на работната средина. Особините со кои се стекнав како докторант по астрофизика, на пример аналитичко размислување, како и бројните технички и социјални вештини се високо вреднувани на холандскиот работен пазар, и ми отворија мноштво опции за работа во приватниот сектор. Изборот падна на пошироката платежна индустрија, поточно на компанија на западот од Холандија која главно се занимава со сигурноста на трансакциите направени со (на пример) платежни картички, мобилни телефони, или преку интернет.

Факултети.мк: Каков е животот во Холандија?

- За време на студиите имав шанса да живеам во неколку европски држави, и од тоа што успеав да видам, животот во Холандија е прилично добар. Холандија е една од најпознатите туристички дестинации во Европа, холанѓаните генерално земено имаат интернационален поглед (речиси сите течно зборуваат англиски) и високо развиена свест за животната средина. Само неколку часа во Холандија се повеќе од доволни за да заклучите дека возењето велосипед е многу повеќе од хоби. Гронинген, на пример, редовно се наоѓа на врвот на листите на градови кадешто велосипедистите имаат најдобри услови, а некои истражувања пресметуваат дека над 60% од сите дневни патувања се прават со велосипед.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука