X
 11.12.2016 Живот

Дали Русија и Јапонија конечно ќе ги израмнат сметките од Втората светска војна?


Русија и Јапонија веќе со децении не можат да се договорат во врска со териториите. 

Средба меѓу Путин и Абе

Ако сè се одвива според планот, наредната недела треба да се сретнат јапонскиот премиер Шинзо Абе и рускиот претседател Владимир Путин, и тоа во родниот град на Абе, Нагато. Домаќинот ќе го угости Путин во традиционалните јапонски бањи, онсен. Токму на такви места отсекогаш се пишувала историјата, а Абе ќе се обиде да увери рускиот лидер конечно да го потпише мировниот договор со што формално и во целост ќе се заврши Втората светска војна, пишува Foreign policy. Овој договор повеќе пати бил одложуван, уште од првиот неуспешен обид во 1956 година.

Спорното прашање за кое двете држави не можеле да најдат заеднички јазик се островите сместени северно од Хокаидо, а кои Црвената армија ги презела во последните денови од Втората светска војна. За Абе, овој онсен самит е важен од две причини, лични и стратешки, бидејќи вложил огромен политички капитал и лично време за да изгради однос со Путин со кој, откако дошол на власт пред четири години, одработил повеќе од десет состаноци.

Позицијата на Русија

Наводно Абе копнее да го исполни сонот на неговиот татко, Шинтара Абе, еден од водечките конзервативни политичари, кој во осумдесеттите години сакал да го потпише мировниот договор со тогашниот советски лидер, Михаил Горбачов. Од друга страна и Путин се надева дека ќе ја придобие Јапонија на своја страна во врска со санкциите што Западот ѝ ги наметна на Русија и дека ќе привлече јапонски инвестиции, особено во разрушениот дел на источна Русија. Но, што е поважно, сака да му испрати порака на Пекинг дека во Азија има и други мецени. Во целата приказна постои и трет актер – новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп. Неговата наклонетост кон рускиот претседател би можела да предизвика проблем при потпишувањето на договорот. Ако Путин има причина да верува дека наскоро ќе пукне западното единство по прашањето на руските санкции, ќе биде помалку мотивиран на јапонскиот премиер да му направи какви било територијални отстапки.

Двете држави имаат право на островите

И Русија и Јапонија сметаат дека полагаат право над островите Кунахсир, Итуруп, Шикотан и групата мали островчиња, Хабомаи. За Русија, тие се дел од Курилските острови, што ги ослободиле од Јапонското Царство во текот на Втората светска војна. Јапонија, пак, стекнала контрола над островите со договорите од 1905 година, после руско-јапонската војна. Денес на островите се стационирани руските гранични војски, но за многу Јапонци, Курилските острови се нивна „Северна територија“ што Советите незконски им ја одзеле. Преку 70 години подоцна, двете држави сè уште не можат да го решат ова прашање и конечно да го потпишат мировниот договор со што формално би ја окончале војната.   

Станува збор за острови со околу 19 илјади жители, претежно рибари со семејства, кои останале неравиени и покрај напорите на руската влада. Последните сериозни преговори што требале да водат до потпишување на мировните преговори, биле одржани во 2000 и 2001 година, во првите години од владеењето на Путин. На чело на јапонскиот преговарачки тим бил Кзухико Того, а Јапонците инсистирале да им бидат вратени два поголеми острови. Таа идеја Русите веднаш да отфрлиле, но на маса ја ставиле понудата од 1956 година, а која се однесувала на два помали острови. Преговорите пропаднале, а во 2012 година, кога Путин повторно дошол на позицијата претседател, изјавил дека е подготвен да прифати „hikiwake“ (во спортски жаргон - нерешено).

Очекувањата од самитот не се оптимистички

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, звучел многу песимистички после разговорите со својот јапонски колега, Фумио Кишида, што се случиле во саботата во Москва. Страните се согласни дека овој проблем не може да се реши со еден состанок.

На крајот на ноември, Путин изјавил дека Русија не тргува со територии, а руските аналитичари сметаат дека единствена формула за постигнување договор е враќањето на тој од 1956 година. Но, и во случај Јапонија да се согласи да ѝ се отстапат два помали острови, неизвесна е постапката ан Русија.

Проблематична позиција за Путин

Во случај да се договорат, руската јавност тоа тешко ќе го прифати. Островите имаат симболична тежина како дел од победата на државата во „Големата татковинска војна“, како што Русите ја нарекуваат Втората светска војна. Руските тврдокорни струи тврдат дека островите се богати со риба, а со тоа и економски вредни територии. Но, постои и еден доминантен страв: „Никој не може да гарантира дека на островите нема да се појави американска воена инфраструктура.“ Според едно истражување, 78% од Русите се против отстапување на спорните острови на Јапонија, додека 7% од испитаниците немаат ништо против тоа. 71% се против компромисен договор што вклучува пренос на два помали острови. Товарот за Путин се однесува на авторитетот и имиџот што си го изградил како заштитник на рускиот народ, па ќе му биде тешко да оправда каков било договор со Јапонија.

Сепак, економската соработка меѓу двете држави е сè поуспешна

Каков и да биде исходот од преговорите, економската соработка меѓу двете држави се движи во нагорна линија. Две големи јапонски банки наводно расправаат за 845 милиони долари кредит за рускиот плински гигант, Гаспром, а повторно се зборува и за проектот поврзан со гасоводот од Сахалин до Токио.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот