X
 16.09.2022 Технологија

Автомобили што левитираат: Кинезите ја тестираа маглев-технологијата на патиштата

Истражувачите од Универзитетот „Саутвест Џиаотонг“ од градот Ченгду, во провинцијата Џиангсу, успешно тестирале маглев-автомобил. Комбинацијата на автомобили и посебно опремените патишта создадоа средина што вообичаено ја гледаме кај „лебдечките“ возови.

Во автомобилот биле вградени голем број постојани магнети, додека патот бил обложен со посебен слој спроводници, што на крајот овозможило автомобилот да левитира над него.

Оваа технологија сè уште е во зародиш, велат истражувачите, но веќе се покажува како функционална. Имено, тест-автомобилите со помош на магнети успешно левитирале 35 милиметри над патот, возејќи со брзина и до 230 км/ч.

Најтешкиот од осумте тестирани автомобили, од кои пет се напојувале со еколошки извори на енергија, тежел 2,8 тони и успеал да остане над земјата на предвидениот дел од патот долг 7,8 километри.


Научниците што се дел од овој експеримент работат на проект за заштеда на енергија за транспортни цели, па проучуваат дали маглев-технологијата може да се пренесе од возовите на патничките возила.

Според нив, ваквиот начин на работа би можел значително да го продолжи животниот век на автомобилот, да ја намали потрошувачката на енергија, а специјалните ленти за патиштата, исто така, би можеле да доведат до намалување на сообраќајниот метеж. Секако дека постојат многу предизвици, па овој проект ќе послужи и како физибилити-студија за поширока примена на слични технологии.

Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија