X
 09.01.2017 Живот

Кога имало најмногу снег во Македонија?

снег

 

Изминативе денови почувствувавме вистинска зима, каква што не сме доживеале изминативе неколку години. Сибирски температури до -28 степени и обилни врнежи на снег. Меѓутоа, интензивните снежни врнежи не се ништо невообичаено за Македонија, па така во минатото сме имале подолготрајни и поинтензивни снежни врнежи.


Особено карактеристична била зимата 1953/1954 година, кога во Скопје снежната покривка непрекинато се задржала дури 74 дена, а снегот достигнал височина од 46 см. Истата година, во тетовско снегот кој достигнал височина од 117 см, се задржал непрекинато цели 106 дена, додека во гевгелиско снегот достигнал височина од за овој простор импозантни 80 см. Во кумановско пак, највисока снежна покривка од 70 см имало 1962 година, а најдолго задржување на снег во споменатата 1954 година и тоа непрекинато дури 77 дена! Во битолско, најдолго траење на снежниот покривач од 70 дена се случил 1974 година, а снегот достигнал височина од 65 см (1). Од 1980-тите години наваму, траењето и висината на снежната покривка значително се намалуваат, а како покарактеристични години кои отстапуваат од овој тренд се 1985, 2000 и секако оваа 2012 година. Оваа зима, снегот речиси насекаде низ државата достигна значителна височина од неколку дестици см, а според одредени извештаи, на Кожуф се измерени дури 220 см снег што би било рекордна вредност за Македонија од почетокот на мерењата во нашата држава. .

Како се мери снежната покривка?

За метеоролошко мерење на снежната покривка се користат два вида снегомери: постојан (статичен) и подвижен (мобилен). И во двата случаи местото на кое се мери височината на снегот е точно одредено и не се менува.

Целта е да има постојаност и споредливост во мерењата, а мерното место треба да биде внимателно избрано за да ја одразува што е можно поблиската средна вредност на височината на навејаниот снег.

При мерење на височината на снежната покривка, подвижниот снегомер се става вертикално во снегот се' до подлогата, а потоа се исчитува вредноста на височината на сантиметрите.

Количеството на снег може да се измери и изрази и во вид на „воден еквивалент“ односно со топење на снегот во дождомерот со што се пресметува колку милиметри воден талог се добива од стопениот снег.


Рекродна височина на снежна покривка


Светски рекорд во височината на снежна покривка го држи скијачкиот центар Маунт Бејкер во Вашингтон, во зимата 1998/1999 година кога заврнале 28.9 метри снег. Кога станува збор за Балканскиот полуостров, рекордери во дебелина на снежна покривка се словенечките Алпи и Триглав со над 2.5 метри снег, додека во Македонија најголема снежна покривка имало во Маврово и други делови од планината Бистра, па на Кожуф и Шар Планина со височина до 2 метри.

 



Извори: http://www.fakulteti.mk/news/12-02-16/intenzivnite_snezhni_vrnezhi_ne_se_nishto_nevoobichaeno_za_makedonija.aspx
Подготвил: Тамара Гроздановски / д-р Ивица Милевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот