X
 29.04.2017 Живот

Триатлон - спортска дисциплина која почна да ги освојува и четиригодишните деца во земјава

Ова е минималната возраст за занимавање со овој спорт поради длабочината на малиот базен, а оптимална возраст за почнување со триатлон е околу шест-седум години кога децата веќе можат да совладуваат техники на пливање, да возат на нешто подолги релации и да работат посложени вежби за правилно трчање и координација, објаснува Данчо Ѓорѓијевски, тренер и еден од основачите на триатлон клубот „Триоџи рејсинг“.



Нема родител кој не е среќен кога неговото дете се занимава со некој спорт. Но, замислете ја радоста и придобивките кога детето ќе избере да тренира три спортови истовремено. Токму така се чувствуваат родителите на децата кои се занимаваат со триатлон, спорт кој е комбинација од три дисциплини - пливање, трчање и возење велосипед.

Во поразвиените земји во светот изминативе години триатлонот е најбрзорастечки спорт. Иако кај нас не е меѓу најпопуларните спортови, сепак во последно време за него владее се поголем интерес, особено кај најмладите. Така, во најмладиот триатлон клуб во Скопје, Триоџи рејсинг (Triogy Racing), формиран пред три месеци, најголемиот дел од членовите се деца до 12 години. Еден од основачите на овој клуб, а воедно и тренер, Данчо Ѓорѓијевски, објаснува дека од 35 редовни членови на „Триоџи“, дури 25 се деца до 12-годишна возраст, од кои најмладиот има 4 години.



- Таа е минималната возраст најмногу поради длабочината на малиот базен, но тоа е и возраст на која најчесто децата учат да пливаат, возат велосипед и да трчаат, дисциплините кои го сочинуваат триатлонот. Некоја оптимална возраст за почнување со триатлон сепак е околу шест-седум години кога децата веќе можат да совладуваат техники на пливање, да возат на нешто подолги релации и да работат посложени вежби за правилно трчање и координација - објаснува тренерот Ѓорѓијевски.

Тој активно се занимава со овој спорт неколку години, при што учествувал на неколку триатлон првенства, а успешно има завршено повеќе трки „Ајронмен“ во различни земји низ светот. Во основно и средно училиште тренирал ватерполо, каде тренерите му всадиле огромна љубов и почит кон спортот. Токму поради таквиот нивен однос Ѓорѓијевски решил дека сега е време тој да го направи истото за новите генерации. По посетата на ЕТУ-кампот за деца во Унгарија минатото лето, каде што престојувал како тренер, решил дека е време да ја почне триатлонската приказна во земјава. Така се родил клубот „Триоџи рејсинг“. Освен овој клуб, во земјава функционираат уште неколку други посветени на овој спорт - Тритон мултиспорт и Софка од Скопје, Титани од Струга, Ана-Да од Радовиш... Сепак, бројката на натпреварувачи на државните првенства во триатлон не е на некое завидно ниво, односно има околу педесетина натпреварувачи во сите возрасни категории. Најголемиот дел од натпреварувачите се постари триатлонци, слика која „Триоџи рејсинг“ се обидува да ја смени работејќи најмногу со најмладите категории.



Со оглед на скромните капацитети за тренирање во земјава, членовите на клубот ги изведуваат тренинзите на различни локации низ Скопје. Пливачките тренинзи ги одржуваат во базенот кај спортската сала „Борис Трајковски“, додека тренирањето со велосипед и трчањето најчесто се изведуваат на паркингот кај аква-паркот и на кејот на Вардар. Ѓорѓијевски објаснува дека изгледот на тренингот зависи од спортот кој тогаш е „на дневен ред“.

- Пливањето е сепак најсериозен тренинг од сите, на кој се посветува најмногу внимание на техниката и формата. Тренинзите траат околу еден час и задолжително почнуваат со загревање и растегнување, а завршуваат со неколку минути за забава и скокање. Тренизите на кои се вежба транзиција (комбинација од возење велосипед и трчање) се во принцип најзабавни и најомилени кај децата. Тука станува збор за комбинација на кординација, снаодливост и брзина. На овие тренинзи најчесто се работи во пар, па на децата тоа само по себе им доаѓа како натпревар и дополнително ги мотивира. Убаво е што имаме неколку категории деца и кога доаѓаат нови членови влегуваат во конкретна група во која не само што тренираат заедно, туку и се дружат и социјализираат. Се уште не сме имале дете кое дошло еднаш на тренинг и никогаш повеќе - објаснува тој.



Според Ѓорѓијевски, триатлонот е одличен спорт за развојот на младите бидејќи во секој од трите спортови подеднакво се активираат сите делови на телото.

- Без разлика дали децата ќе станат врвни триатлонци во иднина, огромна придобивка за нив од овој спорт е што ќе научат правилно да пливаат со различни техники, ќе развијат баланс и кординација при управување со велосипед што многу ќе им користи во секојдневниот живот возејќи по нашите улици. Со правилна работа и фокус кон техника на трчање, локомоторниот систем кај децата ќе се развие правилно, а со тоа и нивната градба и поставеноста на целото тело - вели Ѓорѓијевски.

Тој смета дека за поголема популаризација на овој спорт кај нас потребно е надлежните институции, како што се Агенцијата за млади и спорт, МОК и сл., да имаат повеќе слух, но и домашните компании да ги помогнат клубовите и да влијаат врз афирмацијата на тритлонот. Сепак, популаризацијата и равојот на триатлонот кај нас во голема мера зависи од односот на родителите кои треба да ги мотивираат своите деца да се занимаваат со овој спорт.

- Родителите треба да сакаат да излезат од својата комфорна зона и да им овозможат на децата да се занимаваат со било кој спорт. Денес е најлесно на детето да му дадеш таблет или телефон за да можеш на раат да уживаш во слободното време. Но, дете кое ќе порасне занимавајќи се со спорт ќе научи многу повеќе од тоа што го учи на училиште или дома. Ќе научи што е дисциплина, посветеност, тимска работа, ќе научи да победува и да губи, да се радува и да плаче. Сето ова ќе придонесе тоа дете утре да биде поуспешен човек и многу посовесен граѓанин, што е основа за градење на здрави генерации во иднина - завршува Ѓорѓијевски.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот