X
 15.06.2017 Живот

Енергетска ефикасност отвора илјадници работни места, образованието мора соодветно да реагира

„Енергетската ефикасност на прво место!“ е слоганот на енергетската заедница на Европската Унија која препорачува државите да ги искористат потенцијалите за вработување, особено во градежниот сектор. Европската Комисија предвидува дека бројот на нови работни места во овој сектор во ЕУ до 2020 ќе порасне до 2.5 милиони вработени лица. Во Македонија се предвидува дека изградбата на нови згради по нов стандард за енергетска ефикасност и надградбата на стари згради ќе отвори 3,500 нови работни места до 2030 година. Потребата за стручни кадри од година во година се зголемува и образованието треба да одговори на побарувачката на приватниот сектор.



Според Александар Трпковски од Гоу Грин, стручното образование е предуслов за успешна имплементација на европските директиви и стандарди за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. „ЕУ 2020 пакетот за клима и енергија, и соодветните директиви, нема да можат успешно да се имплементираат доколку немаме доволен стручен кадар кои ќе може практично на терен да ги реализира потребните стандарди. Затоа е многу важно да се зголеми атрактивноста и квалитетот на стручното образование за да поттикне интерес кај младите луѓе да го изучуваат. Со нашата иницијатива изработивме програми за слободни часови за градежната, машинската и електротехничка струка во средните стручни училишта кои се надеваме ќе побудат желба кај младите повеќе да ја изучуваат енергетската ефикасност“, изјави Трпковски.

За Лилиан Кандикјан од швајцарската амбасада, енергетската ефикасност е неодминлив дел од модерното градежништво, а зелените работни места се клучни во сегашната и идната градежна индустрија. Според истражувањето на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, во секторот на градежништво во Македонија се вработени 10,000 работници на возраст над 60 години. Се очекува во овие лица да се заменат со 7,000 нови вработени додека дополнителни 5,000 да се вработат во секторот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност.

„Соработката со компаниите од областа на градежништвото и производството на градежни материјали од една страна и отворањето можности за младите да се стекнат со квалитетно и модерно образование за енергетски ефикасно градежништво од друга страна, се клучни за забрзан развој на енергетски ефикасното градежништво во Македонија. Швајцарија обезбедува поддршка во развојот на овој сектор преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, со цел обезбедување вработувања за млади невработени лица и побрз економски раст“, вели Кандикјан.

Според Дафинка Саздова од градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, недостатокот на работна сила е сериозен предизвик кој мора да се адресира системски. „Градежните фирми се соочуваат со голем недостаток на работници од различен профил, гипсери, монтери, фасадери, тесари и слично, и голем број заминуваат во странство. Надлежните институции мора да дадат поддршка на приватниот сектор, како на пример даночни олеснувања за енергетски ефикасни објекти, за да може да се ослободи капитал кој би се насочил во подобрување на условите за работниците“, посочи Саздова.

На Форумот за зелени работни места и еколошко образование кој се одржа на 15 јуни 2017 во Скопје учествуваа наставници и ученици од средните стручни училишта, компании од градежниот сектор и експерти за енергетска ефикасност. На настанот се разговараше за потребата од зајакнување на средното стручно образование, состојбата на пазарот на труд и предизвиците со кои се соочуваат градежните компании од аспект на работна сила.

Форумот се организираше од страна на еколошкото младинско здружение Гоу Грин Скопје кое ја спроведува кампањата #ФатиЗанает, дел од проектот „Граѓански иницијативи за образование за клима и енергетска ефикасност“ финансиран од Европската Унија и поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот