X
 06.07.2017 Живот

Македонците возат и зборуваат на мобилен телефон, не ги плашат ниту казните ниту сообраќајките

Во текот на 2016 година нема сообраќајни незгоди предизвикани од користење мобилен телефон додека се вози, а во првото тримесечје од оваа година имало две сообраќајни незгоди како резултат на овој прекршок – велат од МВР.



Македонците не се плашат од парични казни за зборување на мобилен телефон додека возат, а очигледно ниту од загрозувањето на својот и на туѓите животи. Доволно е да направите мал експеримент за да го заклучите ова. Застанете на тротоар и набљудувајте ги автомобилите. Секој втор или трет возач зборува на телефон додека вози.

-Не знам колку пати ми се случило за малку да избегнам удар од автомобил на пешачки премин или на семафор бидејќи возачот зборува на мобилен телефон. Пред некој ден велосипедист беше бутнат на улица, а возачот си продолжи да зборува на телефонот. Ова се случи пред мои очи. Човекот стана, го зеде велосипедот и си замина, за среќа, не беше повреден. И возачот замина неказнет. Државната каса може да се наполни со пари само ако се пишуваат казни за овој прекршок. Секој втор возач зборува на телефон додека вози. Се прашувам каде е полицијата да казнува. Кога се воведе оваа забрана пред неколку години, повеќе казнуваа, сега не сум видел полиција да сопре некого поради овој прекршок. Ама кога ќе се направи бељата, доцна е – вели скопјанецот Мирослав Стојановски.

Пред неколку години научници од Универзитетот во Јута открија дека возачите што разговараат на мобилен телефон додека возат се исто толку опасни како и оние што возат пијани. Дека возачите муабетчии се опасни во сообраќајот, ни потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека во текот на минатата година се регистрирани 712 прекршоци поради зборување и користење телефон додека се вози, додека во текот на првото тримесечје од оваа година се казнети 150 несовесни возачи. Но колку од сообраќајките се резултат на оваа несовесна и опасна одлука на возачите?
-Во текот на 2016 година нема сообраќајни незгоди предизвикани од користење мобилен телефон додека се вози, а во првото тримесечје од оваа година имало две сообраќајни незгоди како резултат на овој прекршок – велат од МВР.

Инаку, казната за зборување на мобилен телефон додека се вози изнесува 40 евра во денарска противвредност, а на возачот му се пишуваат и 25 негативни бода во возачката книшка согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот