X
 12.07.2017 Наука

Компании виновни за 71% од емисиите на стакленичките гасови во светот

Во инаугуративниот извештај објавен од Проектот за откривање на јаглерод 100 компании стојат како одговорни за 71% од сите светски индустриски емисии на стакленички гасови.

фабрика
Фото: pixabay

Емисиите на стакленички гасови обично се оценуваат по земја, при што Кина, САД и Индија се рангирани како производители на најмногу емисии. Но, најновиот извештај има поинаков пристап, следејќи ги емисиите назад кон одредени ентитети што ги нарекува 'carbon majors'.

Извештајот се фокусира на емисиите од јаглерод и метан од индустриската активност на производителите на фосилни горива, што претставува неверојатни 923 милијарди тони емисии на јаглероден диоксид од 1988, кога е формиран Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Она што загрижува е фактот дека само 25 претпријатија и државни тела произвеле повеќе од половина од индустриските емисии меѓу 1988 и 2015. Најголем загадувач е кинеската државна индустрија за јаглен, а по неа следува саудискиот „Арамако“. Трет загадувач на листата е рускиот „Газпром“.

Меѓу фирмите во сопственост на јавен инвеститор, Ексон Мобил, Шел и Шеврон се најголемите загадувачи.

Целта на овој извештај не е само да се именуваат виновниците, туку и да ги опреми инвеститорите со сеопфатна анализа за емисиите на јаглерод поврзана со нивните финансиски врски во индустријата на фосилните горива.

Кога се имаат предвид овие бројки, се добива појасна слика за тоа кој има најголемо влијание кога станува збор за целите поставени во Парискиот климатски договор. Извештајот исто така претставува и визија за иднината во која се наведуваат клучните чекори што компаниите мора да ги преземат за успешно да преминат во бизнис-модел во кој емисиите се ограничени, одвојувајќи ги од економскиот раст, со цел да се спречи ископување на повеќе фосилни горива.

„Ако трендот на екстракција на фосилни горива продолжи во следните 28 години, како што беше во претходните 28, глобалната температура ќе се зголеми за околу 4 степени над прединдустриските нивоа до крајот на векот. Компаниите за фосилни горива ќе треба да покажат лидерство како дел од овој премин“, се вели во извештајот.

Сите треба да бидат свесни и да сфатат дека за планетата имаме заедничка одговорност, која подразбира учење од минатото додека гледаме кон иднината.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука