X
 16.09.2017 Живот

Можеме да научиме многу од нив - и најуспешните доживеале голем неуспех

Не е важно со што се занимавате - без разлика дали сте музичар, режисер, писател или претприемач, на патот до успехот ќе наидете на неуспеси. Единствена разлика помеѓу оние што успеале и оние што не успеале е тоа што го направиле откако наишле на препрека.

Доволен пример за ова е Џ.К.Ролинг, која после неколку неуспешни обиди да пронајде издавачка куќа за нејзиниот роман, конечно доживеала невиден успех, и од сиромашна самохрана мајка, која едвај сврзувала крај со крај, се претворила во најбогата жена во светот. И не станува тука збор само за парите, туку и за тоа дека успеала да се занимава со она што го сака, а парите се само убав додаток.

Во еден твит таа пишува: „Немав намера да се откажам сè додека не ме одбиеше и последниот издавач, но често стравував дека ќе се случи тоа“.

Накратко, неуспехот е клучна состојка за успех. Некои дури не го нарекуваат тоа „неуспех“, туку дел од патот кон успехот, а ова се само некои од примерите за успешни луѓе и начинот на кој се соочиле и справиле со неуспесите.

1

Стивен Кинг

Стивен Кинг е еден од најплодните автори на денешницата. Тој во својата автобиографска книга „On Writing:A Memoir of the Craft“ признава дека на почетокот на кариерата бил одбиен од доста издавачи. Но наместо да ја изгуби надежта, тој сите одбивања ги ставал над креветот за да го мотивираат.

„До мојата 14. година брутот на ѕидот попушти од притисокот на сите одбивања што ги ставав на него. Го заменив, и продолжив да пишувам“.

Дона Каран

Модната икона имала тежок живот. За време на студирањето на престижниот „Парсонс“ (училиште за дизајн), Каран се борела со некои најосновни работи што не би ги очекувале од една светски позната дизајнерка. „Мислеа дека никогаш нема да успеам како дизајнерка“, вели таа во едно интервју.

Стив Џобс

Во текот на долгогодишната кариера на Стив Џобс, тој доживеал доста подеми и падови. Уште во 1985 година одборот на „Епл“ изгласал да го избркаат, што длабоко го погодило.

Во неговиот говор одржан на Универзитетот „Стенфорд“ тој признал дека стравот од смртта го води низ животот и влијае врз неговите одлуки, но му помогнал да го победи стравот од неуспехот. „Потсетувањето на тоа дека набрзо ќе умрам стана најдобриот алат што ми помогна да донесам важни одлуки во животот. Скоро сите очекувања, гордоста и стравот од засрамување и неуспех, сето тоа станува помалку важно кога сте соочени со смртта“, изјави тој.

едисон

Томас Едисон


Го помниме по успешните пронајдоци, како што е светилката или грамофонот, но Томас Едисон е познат и по неговиот однос кон неуспехот. Низ годините што ги поминал работејќи на комерцијално исплатлива светилка, Едисон дошол до еден заклучок: „Не потфрлив десет илјади пати. Не потфрлив ниту еднаш. Успеав во тоа да докажам дека десет илјади различни пристапи не функционираат. Еднаш кога ќе ги елиминирам пристапите што не функционираат, ќе го пронајдам оној што функционира“.

Бил Гејтс

Кога од него се бара совет како човек да успее, голема е веројатноста Гејтс да започне да раскажува за неговиот неуспех. Всушност, токму прифаќањето на неуспехот е она поради што „Мајкрософт“ уште во почетоците процвета и причина поради која нивните уреди се наоѓаат во сите домови во светот.

„Кога некој ќе згреши во корпоративниот свет, сите бегаат и бараат засолниште. Во „Мајкрософт“ сакам да ставам крај на таквото размислување. Убаво е да се слави успехот, но многу е поважно да се научи нешто од неуспесите. Начинот на кој компанијата се соочува со грешките покажува колку тоа ќе влијае врз најдобрите идеи и таленти на луѓето, но и колку ќе влијае врз промените“, вели тој.

Вуди Ален

Ален е навистина плоден режисер. Тоа е човек што секоја година пишува и режира по еден филм, а ако најде време, ќе напише и книга и ќе режира серија. Секако, тоа значи дека во морето филмови ќе се најде и некој послаб. Инаку, Ален е прв што во неговите филмови го „рушил“ четвртиот ѕид и одлучил среде филм да разговара со публиката. Сепак, сите негови иновации не биле успешни, а Ален отсекогаш ја истакнувал важноста да испробува нови работи. Дури и ако тие се осудени на пропаст.

„Ако немате неуспех, тоа значи дека не правите ништо иновативно“, изјави во една пригода.

4

Бијонсе

Кога имала само 9 години, Бијонсе се натпреварувала во ТВ-шоу за млади музички таленти. Ова била прва можност да стигне до договор со издавачка куќа.

„Замислував да настапиме на ТВ-шоуто, да победиме и да добиеме договор. Можноста дека ќе изгубиме не ми помина низ глава“, вели таа во мини-документарецот „Self-Titled: Part 2. Imperfection“.

Но нејзината група не победила.

„Реалноста е таква што понекогаш губите. Никогаш не сте предобри за да изгубите, никогаш не сте преголеми за да изгубите, ниту препаметни. Вакви работи се случуваат тогаш кога треба. Овие работи треба да ги прифатите“, вели таа.

Мајкл Џордан

Иако е еден од најпознатите и најдобрите кошаркари во историјата, Мајкл Џордан знае што значи неуспех.

„Во кариерата промашив 9.000 пати. Изгубив над 300 натпревари. 26 пати ми беше доверено да го дадам победничкиот кош, а јас промашив. Не успеав многу пати во животот. Тоа е причина поради која успеав“, изјави тој.

Теодор Рузвелт


Од сите станари на Белата куќа, Рузвелт веројатно бил најлуд. Бил полицаец, се искачил на Матерхорн и останал слеп на едното око после боксерски натпревар. Накратко, прилично опасен тип.

„Критичарот е неважен, човек кој укажува на грешките на силниот човек или што некој можел да направи подобро. Заслугите му припаѓаат на човекот во арената, оној што на лицето има прашина, пот и крв, оној што храбро се бори, греши, постојано не успева; бидејќи не постои обид без грешка и маана; оној на кого навистина му лежи да направи нешто, оној што е полн со ентузијазам, голема предаденост, оној што се троши за вредната цел, оној што во најдобар случај доживува триумф и големо постигнување и во најлош случај сфаќа дека ако не успее, барем знае дека не успеал обидувајќи се, така што неговото место никогаш нема да биде меѓу студените и плашливи души што не познаваат ниту еден пораз“, изјавил тој.

малала

Малала Јусуфзаи


Куршумот не бил доволен за да ја спречи Малала да се избори за правата на девојчињата да се школуваат во Пакистан. Откако талибанците се обиделе да ја убијат кога имала само 11 години, таа ја продолжила мисијата.

„Имав две опции. Едната беше да замолчам и да чекам да ме убијат. Другата беше нешто да кажам и тогаш да ме убијат. Терористите се обидоа да нè запрат и нè нападнаа мене и моите пријатели, но ниту нивните идеи ниту нивните куршуми не успеаја да победат“, изјави Малала во 2014 година кога ѝ била доделена Нобеловата награда за мир.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот