X
 02.10.2017 Култура

Генијална метода на Џеф Безос како да им го привлече вниманието на вработените


Џеф Безос
(Фото: Reuters)


Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, има една мала тактика во текот на презентирањето и состаноците, пренесува Inc.com. Таму пишува дека истото можете да го примените и вие, а станува збор за тоа презентацијата да ја почнете со една необична метода – со тишина.

Иако би било идеално сите однапред да се подготват за состаноците и да дојдат со заокружен план, програма и прашања, тоа навистина ретко се случува. Во тој случај состаноците вообичаено би биле само набројување на идните задачи и на тоа „што уште би било потребно“, за да завршат со најава на следниот состанок, но без вистинска и максимална продуктивност. Од таа причина, продуктивните луѓе често знаат да ги избегнуваат состаноците во широк круг, бидејќи знаат дека подоцна најважните нешта ќе ги чујат или ќе ги добијат преку е-пошта и дека присуството на таквиот состанок е само губење време.

Затоа Безос го подготвува и го печати на неколку страници најважното што учесниците на состанокот мора да го знаат, а тоа го читаат на почетокот. Во тие неколку минути целосна тишина секој за себе го чита материјалот. Тоа им дава простор на сите да размислат за следните чекори, за тоа што не им е јасно и како можат нешто конкретно да направат и да одлучат на истиот состанок.

Важно е напишаното да биде прегледно категоризирано, нагласено и потцртано, за учесниците и вработените да можат да го запомнат и да го направат тоа што е клучно за понатаму.

И самиот Безос, кој за методата зборуваше во едно интервју, призна дека на новите вработени на почетокот им е малку необично и не ја разбираат веднаш смислата на „тивкиот почеток“, но дека многу брзо сфаќаат дека тоа им дава предност и им ја зголемува ефективноста.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура