X
 12.10.2017 Живот

Македонија ќе биде зелена, ќе возиме велосипеди, а загадениот воздух ќе стане минато, ветуваат политичарите

Ако ги анализирате програмите на кандидатите на сите политички избори, ќе добиете впечаток дека штом ќе победат, државата ќе ја доведат до совршенство. Работа на политиката е да манипулира, а народот да паѓа на тоа.

 
Една од најосетливите теми што сите нас нѐ допира, особено луѓето што живеат во најзагадените европски градови, Скопје, Тетово, Битола, сигурно е што ќе преземат идните градоначалници за почист воздух. Овој сегмент никоја партија не го пропуштила. Еве што ветуваат.
Актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кој се бори за својот трет мандат, ветува неколку проекти со кои се надева дека ќе успее да го подобри квалитетот на воздухот. Еден ден во месецот без моторен сообраќај за потикнување на пешачењето и други форми на мобилност. Проширување на мрежата за затоплување во град Скопје, со цел да се добијат повеќе корисници, а да се намали загадувањето. Субвенции за набавка на печки на пелети, набавка на електрични автобуси, субвенционирање приватни компании што учествуваат во јавниот автобуски превоз за инсталирање уреди на гас, воведување пешачка зона во централното градско подрачје, Водно без автомобили, забрана за движење на приватните возила за време на викендите.

Да се надомести заленилото во Скопје

Неговиот контракандидат Петре Шилегов од СДСМ ветува град без смог, за чист воздух за сите.
- Целосно се посветуваме на решавање на проблемот со високата концентрација на ПМ-честитките во воздухот во Скопје. Воведуваме принцип на задолжително надоместување на изгубеното зеленило заради изградба на објекти. Во соработка со општините, ги обврзуваме инвеститорите да го надоместат изгубеното зеленило на парцелите на кои почнале градби и да посадат соодветен број садници. Инвестираме во градење зелени ѕидови од вертикално зеленило, зелени покриви и поставување прочистувачи на воздухот на неколку локации. Постојаното зеленило ќе се заштити со поставување нови заштитни гранични линии на парковите и парк-шумите зад кои нема да смее да се гради - ветува Шилегов.
За здрава животна околина, за пониски трошоци и за економски развој на градот, од владејачката партија велат дека ќе обезбедат гас до секој јавен и приватен објект во Скопје.
Една од најголемите заложби на помладата партија Левица за оваа кампања е токму борбата со загадениот воздух. Многу конкретни мерки нудаи оваа партија за оваа проблематика.
Во заложбите на Марија Џонс за Скопје, стои следново:
- Најитно изготвување студија за главните причинители на загадувањето на водите, почвата и воздухот; Спроведување конкретни проекти што ќе го намалат и/ или елиминираат загадувањето, спроведување конкретни проекти за намалување на негативните последици од климатските промени (зелено производство на електрична енергија (соларна и геотермална), урбани градини, субвенционирање на јавен превоз, субвенционирање на енергетски ефикасни градби итн.); поставување апсорбери од мов CITY TREE на отровните ПМ 2,5 и ПМ 10 честички на сите поголеми крстосници, поставување зелени покриви и филтри; набавка на повеќе машини за преместување на дрвја; поставување дрвореди и зеленило на тротоарите на повеќе градски улици и булевари; мораториум на сечата на дрвја во градските средини, како и на непотребното уништување на зеленилото. Објавување задолжителен фитопатолошки наод за секое дрво што се планира да се исече и друго.

Гасификацијата на Битола ќе го реши проблемот

Кандидатот на ВМРО за Битола, Зоран Илиоски, исто така ветува почист град. Субвенционирање за купување велосипед, користење јавен превоз, отстранување диви депонии, да се изгради катастар на мали и средни загадувачи каде што инспектори редовно ќе проверуваат во загадените месеци. Изградба на систем за гасификација и за топлификација на Битола е главната мерка на оваа партија против загадувањето.


Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, вели во својата програма Наташа Петровска, кандидатката на СДСМ за Битола.
- Една од причините за тоа е користењето огревни дрва, нафта, јаглен за греење на домовите, институциите и претпријатијата. Доведувањето природен гас до секој дом, институција, претпријатие ќе биде приоритет на новиот градоначалник на Општина Битола. Во првиот период ќе се вклучат училишта, институции, претпријатија, за во перспектива природниот гас да стане достапен за секое домаќинство. Битола мора да има гасификација. Бенефит ќе почувствуваат домашните буџети на секое домаќинство, но и претпријатијата преку намалените трошоци за производство – вели Петровска.
Ивана Атанасовска, кандидатката од Левица, ветува кампања за промовирање велосипедска култура, зголемување на зелените површини, оформување погони за рециклирање на електронски отпад, пластика и стакло. Прогласување делови за пешачки зони.
- Формирање јавно претпријатие под надлежност на Општина Битола – така ќе се намали користењето на автомобилите. Формирање јавни претпријатија за гас и за централно греење, промовирање на велосипедската култура, поставување сончеви колектори за улично осветлување, оформување погони за рециклирање на електронски отпад, стакло и пластика – ова се дел од мерките што ги ветува Левица во Битола.
Тетово е најзагадениот град во земјава, а и во Европа.
- Чистиот воздух во нашиот град е луксуз кој го имаме неколку дена во годината, а не наше неприкосновено право. Дали треба да дозволиме тоа да ни го намали нашиот животен век или дури полошо, на нашите идни генерации? Дали треба да живееме со диви депонии во самиот град? Дали треба да бидеме најзагаден град во светот? Решение за ова мора да има тука и сега! – вели Живе Алексовски од СДСМ.
Кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Манојловски, најавува проект за изградба на постројка за секундарна селекција на отпад во Тетово.
- Со реализацијата на овој проект, конечно, ќе се реши повеќегодишниот проблем со загадувањето на средината и на воздухот во Тетово, како и решавање на проблемот со транспортот на отпадот во град Тетово. Со третманот на органскиот отпад може да се добие висококвалитетен тресет, а од останатиот отпад ќе се добие суровина за ново производство – вели Манојловски.
Останува да видиме што во наредните четири години ќе стане реалност од убавите ветувања.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска /srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот