X
 04.11.2017 Култура

Венјамин Милчев, музички продуцент од Македонија: Џеси Џеј ме изненади со две големи торти за мојот роденден

Милчев минатата година дипломирал на престижниот универзитет „Беркли“ во Бостон, а во моментов работи во легендарното продуцентско студио „Лараби“ на продуцентот Џејсен Џошуа, каде што секојдневно соработува со најголемите светски музички ѕвезди.



Македонецот Венјамин Милчев го живее американскиот сон – живее во епицентарот на филмската и музичката индустрија - Лос Анџелес, ја работи работата од соништата во легендарното продуцентско студио „Лараби“ на продуцентот Џејсен Џошуа и секојдневно соработува со најголемите светски музички ѕвезди. Милчев минатата година дипломирал на престижниот универзитет „Беркли“ во Бостон со висока почест (Magna Cum Laude) како музички продуцент и звучен инженер со потструка во аудиоелектроника и просторна акустика. Четиригодишната програма на „Беркли“ успеал да ја заврши за три години. Воден од амбициите, но и од желбата да стекне поголемо искуство и пракса, од Бостон се преселил во Лос Анџелес.

- Одлуката да ја фокусирам својата кариера токму тука беше јасна уште многу одамна, бидејќи Лос Анџелес е град во кој живеат и работат некои од најголемите иноватори и музички гении во светот, па можностите за стекнување знаење и пријателства се бескрајни – вели Милчев.



Уште како средношколец бил решен високото образование да го продолжи на некој престижен факултет надвор од Македонија. Системот на настава во средното училиште, како и фактот што четири години учел на англиски јазик, му биле од голема корист при аплицирањето на „Беркли“ и пресудни за брзо да се приспособи на наставата на бостонскиот универзитет.

- На „Беркли“ научив за процeсот на креирање на една песна, од самиот почеток како идеја, па претпродукција, снимање, миксање, сѐ до крајниот прoдукт по мастеринг. Создавањето квалитетна снимка на песна е многу покомплициран процес од тоа што се гледа на површината и она што јавноста го консумира во секојдневието. Среќен сум што можам да ги издвојам Сузан Роџерс (главен инженер на Принс во негово време) и Шон Слејд (продуцент на „Creep” од Рејдиохед) како професори и ментори кои имаа огромно влијание врз мене и врз мојата работа - вели Милчев.

По дипломирањето се преселил во Лос Анџелес за да биде во центарот на креирањето на популарната музика и почнал да бара работа. Бил на интервјуа во неколку студија, но патот го одвел до „Лараби“, студио кое освен за продукција и снимање, важи и за најактивно микс студио во светот. Во него досега се работеле проекти од Мајкл Џексон и Мараја Кери, па сѐ до Линкин Парк, Луис Фонси и пошироко. На почетокот Милчев работел како асистент-инженер на сесии во студио 4, каде што се запознал и работел со вокалниот продуцент на Ријана, со еден од продуцентите на Канје Вест, но и со музичари како Џеси Џеј, Кид Инк и сл.

По кратко време се отворила позиција во студио 1 со Џејсен и тој го зел под своја закрила како микс-асистент.



Во моментов Милчев е одговорен за примање и дистрибуција на фајлови на уметниците, продуцентите и продуцентските куќи, како и за подготовка на песните за микс. Но, вели дека не е ограничен само на тоа.

- Откако Џејсен ќе го заврши првиот драфт на миксот на една песна, речиси секојдневно се случува јас да ги извршувам ревизиите на клиентот, но исто така често сум задолжен и за креирање на ефектите што ги слушате или чувствувате во заднината на вокалите. За една личност да навлезе во оваа работа, најпрво е потребна експертиза во областа на аудиотехнологијата и креативен вкус со кој слушателите можат лесно да се поврзат. Исто така, многу е важно таа личност да може да се приспособи на културата и на начинот на работа во друга средина, што за мене, како Македонец, беше предизвик сам по себе – вели Милчев.

Тој во неговата работа секојдневно се среќава со едни од најпознатите музички имиња на денешницата. За него, многу нормална појава на работното место е да го гледа Џејсен додека го микса следното „Деспасито“ во студио 1, Мани Мароквин да пие кафе со Џон Маер во студио 2, Џон Леџенд да снима вокали во студио 5 со Харви Мејсон Џуниор, додека Френк Оушен го пишува новиот хит во студио 4.

- Но, од сите ѕвезди ќе ја издвојам Џеси Џеј. Само што завршивме со работата на нејзиниот нов албум R.O.S.E., кој ќе биде издаден наскоро. Таа поминуваше доста време во студиото со нас и имаше голем придонес во создавањето на крајниот продукт. Како што знаете, покрај поп, голем дел од фокусот на Џејсен е посветен на хип-хоп/урбан и латино-сцената, така што можам да ги наведам и Д Викенд, Крис Браун, Пи Реџин, Јо Готи и Киша Кол како едни од популарните уметници што дојдоа да ги преслушаат своите нови синглови – потенцира Милчев.

Токму Џеси Џеј му го подготвила најпријатното изненадување во животот.

- Таа дозна дека дента ми беше роденден, па без да знам реши да ме изненади со тоа што донесе не една, туку две големи, прекрасни роденденски торти кои ги поделивме сите заедно во студиото. Тоа беше дефинитивно еден од најнезаборавните моменти во мојот живот – раскажува Милчев.

Неговите планови за блиската иднина се поврзани со Лос Анџелес, каде што сака да стекне уште поголемо знаење, искуство и да запознае нови луѓе. Една од желбите му е да работи на македонска музика и да придонесе во создавањето квалитетни, светски признаени македонски песни.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура