X
 28.11.2017 Култура

„Снежната кралица“ пристигнува во Театарот за деца и младинци

Претставата „Снежната кралица“ по текст на Билјана Крајчевска, а во режија на Драгана Милошевски-Попов, ќе биде премиерно изведена утре (29 ноември) во Театарот за деца и младинци. Станува збор за текст инспириран од познатата приказна на Ханс Кристијан Андерсен.

В.д. директорката на Театарот за деца, Катарина Илиевска-Силјановска, нагласи дека претставата ја работеле темелно и подолго од вообичаено и поради неколкуте гостувања што ги имаа периодот.



Режисерката Милошевски-Попов, која вторпат работи во овој театар („Пипи Долгиот Чорап“ – 2010 година), истакна дека овој театар не треба да им нуди готови одговори на децата, туку да ги провоцира да размислат што е добро, а што не да се прави.

- Во претставата се обидовме, сите автори, да ги научиме децата да размислуваат, да поставуваат прашања за тоа зошто прават одредени потези во животот. Тоа за мене е многу важно при создавањето една театарска претстава за деца - рече Милошевски-Попов.

Авторката на текстот, Крајчевска, која е вработена како драматург во Битолскиот театар, истакна дека ова е нејзин прв театарски текст за деца.
- Детската фантазија е нешто бесконечно и нешто што треба да ни предизвика и нам инспирација за да успееме да ја задржиме и да ја продолжиме низ оваа претстава, низ овој текст, низ овој начин на игра. Радосна сум бидејќи овој процес беше одличен за мене, а се надевам и за колегите, и дека со едно заедничко истражување со колегите од театарот стигнавме до еден продукт кој се надевам дека сите ќе ги израдува - вели Крајчевска.

Снежната кралица ја толкува Ана Левајковиќ-Бошков, а играат: Сара Климоска, Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Симона Спировска, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски. Левајковиќ, која ја игра насловната улога, за разлика од нејзините поранешни улоги, вели дека овде првпат се јавува во улога на негативец.

- Имавме одлична соработка. Добра екипа сме, грабиме напред. Се надевам дека ќе имаме хит-претстава и дека децата ќе ја засакаат, рече Левајковиќ. Сценографијата е на Кирил Василев, костимите – на Андреј Папаз Ѓоргиевски, кореографијата и сценските движења се на Симона Спировска, а музиката – на Огнен Анастасовски. По премиерата ќе почне подготовката на претставата наменета за младинската сцена – „Сидарта“ од Херман Хесе, во режија на Јане Спасиќ.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура