X
 05.12.2017 Наука

Дали човек може да достигне животен век од 140 години?

starost
Фото: Pixabay

Очекуваниот животен век на луѓето драматично се зголеми во изминатиот век, но максималниот животен век, помалку или повеќе, стабилно стои на 115 години. Новото истражување укажува дека тоа би можело да се промени.

Најстарата личност на светот била 122-годишна Французинка која починала пред 20 години. Израелски научник верува дека со интервенции во процесот на стареење, максималниот век на човекот би можел да се продолжи на 140 години.

„Во минатото 70 отсто од луѓето умирале од инфекции, а денес 70 отсто умираат од болести типични за долгиот животен век“, вели израелскиот универзитетски професор Хаим Кохен, кој ги проучува молекуларните механизми на стареењето.

„Ако можеме да манипулираме со самиот процес на стареење, можеме и да го зголемиме максималниот животен век“, тврди тој.

Коен заедно со девет негови соработници објави истражување во кое истакнува дека благодарение на напредокот на медицината, очекуваниот животен век на човекот значително се продолжил, но максималниот животен век на најстарите 10 отсто од луѓето во светот стагнира на околу 115 години.

Научниците спровеле стотици експерименти во кои интервенирале во процесот на стареењето на црвите, мувите и глодачите и откриле дека нивниот максимален животен век постојано се зголемува. Доколку слични интервенции се направат кај луѓето, максималниот животен век би можел да се продолжи за 30 отсто.

Неговите истражувања се спротивни на истражувањата на американските научници од медицинскиот факултет во Њујорк, кои минатата година заклучиле дека човечкиот род ја стигнал природната граница на траење на животот - 115 години.

Џејмс Ваупел, директор на демографскиот оддел од германскиот институт „Макс Планк“ го поддржува истражувањето на Кохен и не се согласува со наведената „граница од 115 години“.

„Статијата на Кохен е поддржана со внимателно и детално истражување“, вели тој.

Кохен се надева дека неговото истражување ќе доведе до продолжување на здрав живот. „Целта е луѓето подолго да останат здрави и да имаат квалитетен живот, а не само подолго да живеат“, нагласува тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука