X
 08.12.2017 Култура

Необјавени песни од Џими Хендрикс: „Ова, впрочем, е неверојатно!“


Џими Хендрикс
(Фото: Getty images)


Следната година ќе бидат објавени необјавени песни од Џими Хендрикс, снимени меѓу 1968 и 1970 година.

„Експириенс Хендрикс“ (Expierence Hendrix) и „Лигаси рикордингс“ (Legasy Recordings) вчера најавија дека на 9 март 2018 година ќе го објават албумот на Хендрикс под наслов „Both Sides of the Sky“. На албумот, од вкупно 13 нумери, 10 се досега необјавени песни од Џими Хендрикс.

Џими Хендрикс почина на 28-годишна возраст во 1970 година. Новиот албум е третиот дел од трилогијата која беше складирана во архивата на генијот на гитарската музика. Албумот „Valleys of Neptune“ беше издаден во 2010 година, а три години подоцна беше издаден и вториот под наслов „People, Hell and Angels“.

Еди Крамер, кој работел како инженер на звук на секој албум што Хендрикс го снимил за време на својот живот, во едно интервју истакнал дека 1969 била многу експериментална година за Хендрикс и за неговата музика.

„Прво ја ставате касетата и ја слушате, а потоа влакната на вратот ви се дигаат, па помислувате: ’О, Боже. Ова е премногу... (пцост) неверојатно!‘“, изјави Крамер.

Многу песни од новиот албум ги снимила групата „Бенд оф џипсис“ (Band of Gypsys) во која освен Хендрикс, биле и Бади Мајлс и Били Кокс. Стивен Стилс свири во две песни – „$20 Fine“ и „Woodstock“.

„Звучи како Крозби, Стилс и Неш, освен што е на есид“, изјави Крамер за песната „$20 Fine“.

Крамер го продуцира албумот со Џон Мекдермонт и Џејни Хендрикс, сестрата на легендарниот гитарист и претседателка на „Експириенс Хендрикс“. Тој потенцираше дека „Both Side of Sky“ е последниот албум од трилогијата, но доколку некој пронајде некои нови снимки од Хендрикс на таван или во подрум, би можеле да бидат објавени.

Тој изјави дека имаат и снимки од настапите на Хендрикс, и аудио и видеоснимки, што планираат да ги објават.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура