X
 14.12.2017 Наука

НАСА: Новиот остров може да даде увид во развојот на животот на Марс

Новиот остров формиран при вулканска ерупција во оддалечениот дел од Пацификот, пред 3 години, може да понуди увид во тоа како се развивал животот на Марс, соопштуваат од НАСА.

фотоизвор: YouTube screenshoot

Вулканскиот остров Хунга Тонга – Хунга Ха’апаи се појавил во 2014 година од Тихиот Океан, на околу 65 километри северозападно од Нуку’алофе, престолнината на кралството Тонго, по подводна вулканска ерупција. Научниците очекувале дека островот ќе исчезне во рок од неколку месеци. Но, НАСА наведува дека островот се покажал како отпорен на очекувањата, можеби поради тоа што топлата морска вода комбинирана со пепелот во текот на вулканската експлозија формирала карпа цврста како бетон.

Додека островот, кој бил еден километар широк, 2 долг и околу 100 метри висок, поминал низ значајна ерозија, сега се очекува дека ќе трае барем од 6 до 30 години.

Новата студија што ја спровеле научниците дава увид во долговечноста и ерозијата која обликува нови острови, а разбирањето на тие процеси можело да даде увид во слични ситуации во другите делови на Сончевиот Систем, вклучувајќи го и Марс.

Џим Гарвин, главниот научник во Центарот за вселенски летови „Годард“ во НАСА, изјавил дека сега имаат ретка можност за проучување на животниот циклус на новонастанатиот остров. Според него, Марс има многу слични вулкански острови кои изгледа дека биле опкружени со вода кога се создале. Проучувањето на настанокот на животот на тој остров може да помогне точно да се одреди каде би се барале докази за живот на Марс, смета Гарвин.

Студиите на НАСА за островите се претставени на состанокот на Американската геофизичка унија во Њу Орлеанс оваа недела, откако американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот потпиша директива за повторно испраќање Американци на Месечината, а потоа и на Марс.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука