X
 17.01.2020 Издвојуваме

Интервју со претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев: Промена на изборниот модел, Академијата мора да се подмлади

Јакнењето на советодавната функција на МАНУ треба да биде, по мое мислење, централна тема на Академијата во наредните четири години

Јакнењето на советодавната функција на МАНУ треба да биде централна тема на Академијата во наредните четири години. Активностите треба да бидат насочени кон изработка на научно фундирани документи за круцијални прашања поврзани со сегашноста и иднината на Република Македонија, кои, меѓу другото, ќе бидат корисни и за креаторите на политиките, вели во интервјуто за Факултети.мк академик Љупчо Коцарев, новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Проф. Коцарев доаѓа од Одделението за технички науки при највисоката научно-уметничка институција во земјава.

Проф. д-р. Љупчо Коцарев / Фото: Иван Блажев

Имате исклучително интересна биографија. Што Ве предизвика по дипломската и магистратурата на Електротехничкиот факултет во Белград да браните докторат на Институтот за физика при ПМФ во Скопје?

- Темата на докторатот беше само природно продолжение на мојот тогашен интерес во науката. За време на додипломските и магистерските студии прочитав многу книги по математика и физика; се сеќавам на учебниците по физика The Feynman Lectureson Physics (во три тома) и Berkeley Physics Course (во пет тома). Дипломскиот труд ми беше од областа на физика на цврсто тело. Магистерски студии запишав на ЕТФ во Белград на насоката техничка физика, а темата на магистерскиот труд, инспирирана од додатокот под наслов „Ергодична теорија“ во рускиот превод на книгата Equilibrium and nonequilibrium statistical mechanics од Раду Балеску, се однесуваше на детерминистички хаос во конзервативни динамички системи. Докторирав во Скопје на Институтот за физика при ПМФ во 1989 година под менторство на професор Виктор Урумов, со тема од областа на нелинеарни динамички системи и детерминистички хаос. При првиот престој во САД, на Универзитетот на Калифорнија во Беркли, работев нелинеарни феномени во електрични кола и системи. Компјутерски науки почнав да работам дури при вториот престој во САД на Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, а најмногу по враќањето во Македонија. Денес, во компјутерските науки, мојот интерес е фокусиран на машинско учење, а од неодамна сè повеќе се занимавам со проблеми од економијата и финансиите.

Долги години сте директно вклучени во високообразовните процеси во земјава и во САД. Која е најголемата разлика меѓу двата система? Што би сакале од тој систем да вклучите во нашиот?

- Хм, прашања на кои веројатно ќе ми треба повеќе време и простор за да одговорам во целост. Ќе се задржам кратко само на делот од образовниот систем поврзан со докторските студии. Во САД (а и во многу други земји) студентите се финансирани од проекти (преку кои се обезбедуваат средства за нивните плати и школарини), па затоа тие многу малку (еден до два семестрa) се вклучени во изведување настава. Тоа овозможува студентите целосно да го искористат нивниот интелектуален потенцијал. По завршувањето на докторските студии најголем број од нив прават кариери надвор од универзитетите, помал број остануваат на универзитетите како постојан истражувачки кадар, а исклучително мал број од нив стануваат професори. Една студија на Кралското друштво во Лондон покажа дека 95,05% од завршените студенти на докторските школи по наука, технологија, инженерство и математика (STEM: science, technology, engineering and math) во Велика Британија се вработуваат надвор од универзитетите, 3,5% се постојани истражувачи на универзитетите, а само 0,45% се вработуваат на универзитетите во професорски звања. Таков е соодносот и во другите развиени земји. Со тоа се постигнуваат две работи: прво, тие стануваат движечка сила на економскиот развој во една држава. Второ, изборот на универзитетски професори се врши од групата научници што веќе се стекнале со докторат. Притоа, проектите со кои се финансираат студентите се најчесто (или, исклучиво, на пример за САД) од домашни извори.


Фото: МАНУ

Во образовниот систем на Македонија не се финансираат научноистражувачки проекти преку кои ќе се вработуваат студенти запишани на (магистерски и/или) докторски студии, при што нивен единствен ангажман ќе биде работа на проектите. Темата образование (или само високо образование) заслужува интегрален пристап. По мое длабоко убедување, образованието не треба да биде само средство за постигнување определени економски цели, туку систем преку кој се негуваат демократските општествени односи, се промовираат граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на глобалните кризи кои се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи. Со други зборови, образованието треба да биде сместено во пошироките економски, политички и културни рамки и движења во една држава, па дури и пошироко.

Широко е полето на Вашиот научен интерес. Вашата научна кариера ги следи темпото и брзината на развојот на компјутерите во изминатите 3-4 децении. Како успеавте ова да го вградите во Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ?

- Единствен пристап, по мое мислење, е преку работа на проекти кои, од причините што се споменати погоре, во наши услови, се финансираат исклучиво од надворешни извори. Некои од финансиерите на проектите реализирани во МАНУ се: Европската комисија (преку програмите FP6, FP7, Horizon 2020, IPA), Германската фондација за истражување (DFG), Канцеларијата за поморски истражувања на САД (ONR), Здружение на Алцхајмер во САД, Национални институти за здравје на САД (NIH),UNESCO, и UNDP. Се вработуваат студенти кои, преку работа на проектите, учат, се стекнуваат со знаење и вештини, и ги завршуваат своите магистерски и/или докторски студии.

Член сте на Академијата од 2003, односно 2007 година, како редовен член. Низ годините сте биле секретар, потпретседател на МАНУ, добро Ви е позната состојбата во која се наоѓа Академијата. Во моментот, со што најмногу кубури МАНУ?

- Неколку работи треба да се адресираат што поскоро:

1. Да се подобри институционалниот капацитет на Академијата за поефикасно извршување на нејзината основна дејност и да се зголемат перформансите на вработените во функција на стратешките цели на МАНУ, преку обезбедување нивен постојан развој.

2. Да се отвори дебата за улогата и местото на истражувачките центри во МАНУ, водејќи сметка дека центрите треба, колку што е можно повеќе, да ја поддржуваат и јакнат советодавната функција на МАНУ.

Мора да почне процесот на подмладување на МАНУ / Фото: МИА

3. Да се работи на зголемување на репутацијата на МАНУ, на нејзината препознатливост како водечка научна и уметничка институција во земјата (многу индикатори покажуваат дека Академијата е, де факто, водечка институција во земјата). Преку конкретни методи, на пример, со изготвување план за дисеминација на работата на МАНУ, притоа водејќи сметка за целните групи на дисеминација, содржината што треба да се дистрибуира до целните групи, и каналите на дисеминација, треба што пошироко и пообјективно информирање на јавноста за работењето на МАНУ, со афирмација на нејзината улога и нејзиното значење за општеството во целина.

4. Да се започне со активности поврзани со процесот на подмладување на Академијата, промена на изборниот модел, изградба на јасни критериуми за членство во МАНУ, кои мора да бидат диференцирани, во зависност од карактерот и од природата на научните и уметничките области, водејќи сметка за тоа кои области се и кои треба да бидат застапени во Академијата.

Фото: МАНУ

По двата мандата на академик Јордан Поп-Јорданов, Вие сте втор претседател на највисоката научна установа од одделението за техничките науки. Што ќе биде најважно за МАНУ во наредните четири години, а што најголем предизвик?

- Јакнењето на советодавната функција на МАНУ треба да биде, по мое мислење, централна тема на Академијата во наредните четири години. Во согласност со тоа, активностите треба, што е можно повеќе, да бидат насочени кон изработка на научно фундирани документи за круцијални прашања поврзани со сегашноста и иднината на Република Македонија, а кои, меѓу другото, ќе бидат корисни и за креаторите на политиките. Во рамките на советодавната функција на Академијата, поконкретно, ќе се залагам за изработка на стратегии во кои ќе бидат вклучени и сценарија околу можниот развој на науките и уметностите, на економијата и технологиите, и на развој на Република Македонија, при што анализата ќе биде правена на повеќе нивоа, вклучувајќи глобално и регионално ниво. Постојат ЕУ-документи во кои се идентификувани и анализирани клучните трендови, предизвици и политиките со кои веројатно ќе бидат соочени Европа и светот во наредните 5 до 10 години. Приспособувањето на тие документи за РМ е клучна задача на МАНУ. Најголем предизвик ќе биде наоѓање ресурси (во поширока смисла на зборот) за реализација на оваа замисла.

Политичките проблеми со Грција се навидум испеглани, се наѕираат бури со Бугарија. Како еден научник-електроинженер, физичар, информатичар (во принцип прагматичар) во 21 век гледа на геополитичката состојба во која се наоѓа Македонија?

- Одговорот на ова прашање е повеќеслоен и зависи од геополитичката слика на светот денес и глобалните трендови, состојбата на Македонија во поширокиот регион, во регионот именуван од ЕУ како Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) и во однос на соседите на Македонија. Ова подолу е само една скица на можен одговор; потребни се многу посложени анализи и повеќе простор за да се опфатат сите негови аспекти.

Зградата на МАНУ / Фото: МАНУ

Геополитичката слика на светот се менува. По еднополарниот систем карактеристичен за периодот веднаш по 1990 година, денес, за многу аналитичари, светот се дефинира како сложен и повеќеполарен систем. Притоа, многумина веруваат дека светот нема да биде структуриран само околу центрите на моќ. Така, 2030 година не само што ќе биде различна во однос на дистрибуцијата на моќта (се очекува поместување на моќта кон Азија, но и поголема неизвесност), туку и во однос на природата на самата моќ. Моќта нема да биде одредена единствено со класични мерки, како што се големината на населението, БДП и воената потрошувачка, туку и од врските, меѓузависностите и плуралистичката природа на системот. Се очекува во наредните 5 до 10 години да доминираат следните теми: климатски промени, демографија, урбанизација, економски раст, потрошувачка на енергија, поврзување и геополитика.

Во последната деценија, појавата на нови предизвици и други приоритети им го привлече вниманието на ЕУ и нејзините членки: светската економската криза, кризата во еврозоната, миграцијата, бегалската криза и Брегзит, што доведе до маргинализација на политиката за проширување. Од друга страна, развојот на настаните во поширокото соседство, на пример, Арапската пролет, сирискиот, и украинскиот конфликт добија приоритет пред Западен Балкан. Тоа предизвика носителите на одлуки во ЕУ често да ги менуваа главните причини за потребата на проширување на ЕУ во земјите од Западен Балкан, од имплементација на политики засновани на вредности, владеење на правото и економски реформи до спречување на негативното влијание на други надворешни актери, пред сè, Русија, Кина, Турција и земјите од Заливот.

Русија и Турција покажуваат посилен политички и социјален ангажман во регионот, оформен не само од близина, туку и од историските врски и специфичните политички инцијативи. Русија користи најразлични инструменти за да изврши влијание во регионот, на пример, користејќи го својот статус во Советот за безбедност на ОН. Турција ги зајакна културните, верските, образовните и информативните врски во регионот, преку турската агенција за соработка и координација, Фондацијата „Јунус Емре“ за промоција на турски јазик и култура, и преку дирекцијата за верски работи. Кина, како нов светски економски и политички актер, ги зголеми своето влијание и ангажман не само во Западен Балкан, туку и во Централна Европа и балканските членки на ЕУ, преку иницијативата 17 + 1 и пошироко, со вклучување на 152 држави, преку иницијативата позната како Beltand Road Initiative. Примарниот интерес на Кина во регионот е подобрувањето на внатрешната поврзаност со цел да се олесни транспортот на кинески производи. Слично како Кина, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се главно економски актер во регионот (да ги споменам, на пример, проектот Белград на вода, вреден 3 милијарди американски долари, и партнерство со српската влада во креирањето на „Ер Србија“).

Фото: МАНУ

Треба да се има на ум дека ангажманите на надворешните актери за кои говорев погоре не се, сами по себе, негативни – тие вклучуваат важни економски инвестиции и диверзификација. Од друга страна, во економски поглед, позицијата на ЕУ28 во регионот е незаменлива. Така, на пример, според Евростат од 2019 година, во 2018 година, ЕУ28 учествуваше со 71,9% од извозот на стоки во регионот и 57,7% од соодветниот увоз, додека Кина, Русија и Турција учествуваа со 8,2%, 4,9% и 5,1% од увозот на регионот и 0,7%, 3,1% и 1,7% од извозот, соодветно.

Земајќи предвид дека Македонија е дел од Западен Балкан, не е тешко да се заклучи дека нашата геополитичка состојба во однос на соседите, кои се дел од ЕУ, е обременета со несиметричната положба што ја има Македонија во однос на нив. Уште повеќе, таа е оптоварена и од неуспехот на неолиберализмот, посебно од политичките кризи, што претставуваат вистинска рефлексија на влијанието на неолиберализмот, поттикнувајќи длабоки социјално-политички последици, популизам и национализам во глобални рамки.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме