X
 17.03.2023 Живот

„Мрачен туризам“: Посета на места каде што се случиле најлошите настани во историјата на човештвото

„Мрачниот туризам“ станува сè попопуларна категорија за патување. Во суштина, овој вид туризам вклучува посета на места каде што се случиле некои од најмрачните настани во историјата на човештвото.

Ако не ви текнува кои се овие места, помислете на Лондонската кула (која е дом на еден од најпознатите музеи за мачење во светот), како и Меморијалниот музеј на 11 септември во Њујорк или пак „Алкатраз“.

Мрачниот туризам е сигурен начин да се приближите до судбината за која се надевате дека никогаш нема да ја доживеете. Тоа е исто така брзорастечка туристичка категорија од која љубителите на историјата не можат да се заситат.


„Паспорт фото онлајн“ неодамна спровел истражување на речиси 1.000 патници. Истражувањето покажало дека и покрај тоа што голем процент од туристите уживале посетувајќи ги овие места, 63 отсто од луѓето кои досега не знаеле за мрачниот туризам сега се заинтересирани за него.

Најголем мотив за патување на места каде што некогаш луѓето страдале се образованието (52 отсто) и желбата да им се оддаде почит на оние што загинале на овие места (47 отсто). Се чини дека склоноста кон морничавото и не е баш силен мотиватор. Всушност, мнозинство патници негодуваат кога други туристи се фотографираат на морничави локации.


Мрачниот туризам стана моќна алатка преку која оние што се фасцинирани од читањето геополитички книги можат да откријат повеќе за својата страст. Не само со посета на локации, туку и со разговор со мештаните, тие можат да соберат информации за тоа како географијата, економијата, демографијата и културата ја обликувале политиката на една земја. Денес, трендовите кои придонесуваат за геополитиката се поразновидни отколку пред една или две децении. Покрај трговските војни, домашните спорови и копнените војни, социјалните медиуми се моќна сила што ги обликува геополитичките теми.


Најдобрите мрачни туристички дестинации се Националниот споменик на Перл Харбор, Граунд Зеро и париските катакомби. Други популарни места низ светот се Пном Пен, Камбоџа (дом каде што се наоѓаат „полињата на смртта“ во Чоеунг Ек), Ејафјадлајекидл, Исланд (каде што вулканската ерупција ги испушти своите застрашувачки облаци од пепел повеќе од две недели, што ја чинеше европската економија околу 5 милијарди долари) и Хирошима во Јапонија (каде што се наоѓа Меморијалниот парк на мирот во Хирошима). Мрачниот туризам има и низа дефинирани категории кои можат да им помогнат на туристите во фазата на планирање. Тие вклучуваат воени музеи и туризам за катастрофи, гробишта, духови, нуклеарно оружје, холокауст и затвор/прогонство.

Мрачниот туризам е можеби погрешен назив за еден вид туризам кој во суштина е фокусиран на образованието. Многу туристи се заинтересирани историчари или поединци кои сакаат да им оддадат почит на оние што доживеале насилна судбина. Туризмот на духови сè уште фасцинира, иако во овој случај мотивацијата е поинаква. Оваа категорија сведочи за идејата дека тука не е крајот - затоа што ако е така, тогаш сите ужасни смртни случаи кои играат улога во туризмот на смртта ќе значат многу малку за жртвите.


Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот