X
 06.02.2018 Здравје

Докторите во Македонија алармираат: Сѐ повеќе деца мора да носат очила со диоптер

Чест здравствен проблем што го установуваат кај овие дечиња е кратковидоста, кога не гледаат далеку, потоа далековидоста, кога не гледаат добро блиску, и страбизам, кога очите не се правилно насочени и немаат синхронизирана подвижност, вели д-р Соња Ралева, лекарка во Школски диспанзер при поликлиниката „Бит-пазар“


Д-р Соња Ралева

Сè повеќе деца мора да носат очила со диоптер зашто имаат проблеми со видот или не гледаат добро. Една од причините се телефоните, компјутерите, таблетите, телевизијата, но и поради тоа што децата премногу време поминуваат во затворен простор наместо да играат надвор, велат загрижените лекари. Тие апелираат родителите навреме да реагираат за видот и да ги носат на лекар зашто така многу полесно ќе се реши или стабилизира проблемот.

Окото треба да гледа далеку

Медицинските тимови од Школскиот диспанзер првите систематски прегледи кај учениците ги прават во второто полугодие во прво одделение, а потоа во трето, петто, седмо и во деветто одделение во основно училиште.



Д-р Соња Ралева, лекарка во Школски диспанзер при поликлиниката „Бит-пазар“, вели дека чест здравствен проблем што го установуваат кај овие дечиња е кратковидоста, кога не гледаат далеку, потоа далековидоста, кога не гледаат добро блиску, и страбизам, кога очите не се правилно насочени и немаат синхронизирана подвижност.
- Кај некои деца проблемот може да се реши без носење очила. Или, ако навреме почнат да носат, да се стабилизира ситуацијата. Новите генерации се сè позатворени дома, па така гледаат блиску. Кога поголем дел од времето би го поминувале надвор во природа, окото ќе гледа подалеку, па акомодационата моќ на мускулот ќе биде поголема. Така и се намалува можноста за расипување на видот. Родителите работат до подоцна, но може секое слободно време да се користи за престој на отворено, во излетнички места, на планина... - вели д-р Ралева.

И бебиња се смируваат со мобилни телефони

Лекарите објаснуваат дека видот се расипува и кога децата премногу време минуваат пред компјутери, монитори, играат на телефони и таблети. Тие апелираат да се намали тоа време, а кога веќе се користи таа технологија, да се внимава тоа да биде под добро осветлување, на правилно растојание, главата да не е залепена за екраните, а телото да се држи правилно, со што правилно ќе се насочуваат очите.
Д-р Добрила Капушевска, педијатар, која одвреме-навреме ги заменува лекарите за систематски прегледи во Здравствениот дом-Скопје во населбата Ѓорче Петров, вели дека напредната технологија премногу се користи.
- Порано кога носеа деца на преглед, родителите носеа и играчки за да ги смируваат додека чекаат. Сега и на бебиња им пуштаат содржини на мобилните телефони. Начинот на живот е променет, децата помалку играат надвор, за разлика од порано, а кога се дома, често се врзани за телефоните, таблетите, компјутерите, телевизорите. Ако продолжат ваквите состојби, ќе се зголемува бројот на деца со оштетен вид – вели д-р Капушевска.



Три години по ред се одвива проект за откривање оштетен вид и проблеми со видот кај дечиња од 3 до 6 години во кој учествуваат УСАИД, Клиниката за очни болести, Универзитетот на Југоисточна Европа, Клиниката во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“, како и клубот „Лајонс“. Д-р Илјаз Ислами, учесник во проектот од Клиниката за очни болести, вели дека се прегледани 18.000 деца од сите општини.
- Во индивидуалните проверки, проблеми со видот се откриени кај околу 3.000, што не е мала бројка. Вакви состојби нема само кај нас, има во многу земји. Мора сите да поработиме на решавањето – објаснува д-р Ислами.
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје