X
 02.04.2018 Култура

Како Будимпешта стана европска верзија на Холивуд?

film

Унгарската престолнина многу пати служела како локација за снимање блокбастери и многу други филмови и серии бидејќи ги привлекле даночните олеснувања и високо технолошките услови.

„Тука често се снима поради нашите цени и светски познатите тимови за поддршка, но и поради даночните олеснувања што функционираат одлично“, истакнува Илдико Кемени, унгарски копродуцент на серијал.

Во жестоката конкуренција со другите европски метрополи за привлекување странски продукции, Унгарија беше прва земја од поранешниот комунистички блок што во 2014 година усвои систем на даночни олеснувања и субвенции што оттогаш постојано растат. Станува збор за еден од најконкурентните системи на континентот што нуди 25 отсто враќање на трошоците за странските продукции.

Најголем конкурент ѝ е Прага.

„Бугарија и Романија се многу поевтини, но нивната способност да ги следат стандардите на филмската индустрија не е на нивото“, истакнува Кемени.

Предноста на Будимпешта е класичната и елегантна архитектура што лесно може да се „маскира“ во Буенос Аирес, Москва, Берлин и Лондон.

Развој на унгарската кинематографија

Унгарскиот главен град, освен прекрасното опкружување, од 2000 година има и две високо технолошки, високо ценети студија. Студиото „Корда“ се наоѓа на околу 20 километри од центарот на Будимпешта. Таму биле снимени сцени од „Hellboy“, „Inferno“, „The Martian“.

Благодарение на искусната и не многу скапа работна сила, Будимпешта, по Лондон, стана втората најголема европска сцена за филмови. Меѓународната продукција и унгарската продукција во 2016 година на оваа земја ѝ донеле 270 милиони евра. Пет години претходно оваа сума изнесувала 105 милиони евра.

Филмската индустрија во Унгарија се состои од околу сто компании каде што работат 4.000 луѓе ако не се сметаат посредните работни места во туристичкиот сектор. Минатата година во Унгарија имало 285 снимања, вклучувајќи 64 странски продукции.

Паралелно со развиените продукции расте и унгарската кинематографија, што во изминатиот период забележа успех на меѓународната сцена.

„Синот на Саул“ на Ласло Немес освои „Оскар“ пред две години. „Тело и душа“ на режисерката Илдико Енједи победи на 67. Берлинале, а на фестивалот во Кан редовно се прикажуваат филмови на режисерот Корнел Мундружо.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура