X
 18.01.2019 Живот

„Има надеж“! - Извештај за состојбата на човековите права во светот

Во средиштето на критиките на „Хјуман Рајтс Вач“ за состојбата на човековите права во светот се Кина и Саудиска Арабија, а на удар се и европските популисти. Но, има надеж - вели Вензел Мичалски.

Вензел Мичалски е директор на организацијата за човекови права „Human Rights Watch“ во Германија. Оваа организација го објави својот годишен извештај „World Report“, од скоро 400 страници што го насочуваат вниманието на состојбата за човекови права во светот. Најголемиот извор на загриженост, оваа година е Кина. Пред сѐ, за владата во Пекинг, Мичалски не може да каже ништо позитивно.

-На дело е целосно гушење на слободата на говорот и граѓанското општество во земјата, кое, рака на срце, постоеше само спорадично. Постои и државен систем за целосно надгледување со технологија за препознавање на лицето, а притоа кинескиот претседател Кси Џинпинг сѐ повеќе се претвора во диктатор. Како да не е тоа доволно, и самата кинеска влада се обидува да го пренесе својот политички модел на кршење на човековите права во светот, преку таканаречената „Belt and Road“ иницијатива („Belt and Road е развојна стратегијана кинеската влада во поглед на градење инфраструктура и инвестиции во земјите од Европа, Азија и Африка) - вели Мичалски.

prava
Фото: P.Pleul


Кина, Трамп и Саудиска Арабија

„Human Rights Watch“ објавува извештаи за состојбата со човековите права уште од 1989 година. Авторитарните држави кои ги кршат правата на децата, жените и мажите се главниот фокус на извештајот. Оваа година, активистите за човекови права ги анализирале и државите и поединците.

-Овогодишниот фокус ќе биде ставен на автократите или популистите со авторитарни тенденции, но и на отпорот, што се создава против овие ликови - вели Мичалски.

Покрај кинеската влада, која е во фокусот на критиките, оваа година извештајот наведува и стари познаници: претседателот на САД, Доналд Трамп, поради остриот третман на бегалците од Латинска Америка, Саудиска Арабија, која се појавува двапати во извештајот: поради убиениот новинар Џамал Кашоги и порадаи суровата војна против соседниот Јемен. Војната која од 2014 година се води помеѓу трупите на претседателот Абд Рабу Мансур Хади, поддржан од Саудиска Арабија, заедно со другите арапски земји и шиитски Хути-бунтовници зад кои стои Иран, ја уништува земјата. Според податоците на Обединетите нации, повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во конфликтот, вклучувајќи илјадници цивили. Јемен, според ОН, се соочува со најтешката хуманитарна ситуација во светот.

Кршење на човековите права „Human Rights Watch“ забележува и во Европа. Во мај во ЕУ се одржуваат европски избори. Во рамките на заедничкото семејство на европските народи постојат партии што ја отфрлаат ЕУ во сегашната форма: покрај АФД во Германија, тоа се и италијанската Лига за север, австриската ФПО, унгарската Фидес партија или Национален собир на француската десничарка и популистка Марин Ле Пен. Овие партии се обидуваат да ги нарушат вредностите на десничарските популистички тези на ЕУ.

Затоа, не изненадува тоа што некои земји-членки на ЕУ не оставаат добар впечаток. Над сето ова, авторите на извештајот во центарот ја ставаат бегалската криза.

-Посебно земјите со популистички влади како што се Унгарија и Полска, а сѐ повеќе и Италија, се во фокусот на нашето влијание - вели Мичалски.

Има надеж


Што со Германија? Мичалски има поделено мислење.

-Од една страна, многу работи се за критика, на пример снабдувањето со оружје на Саудиска Арабија. Постои и недостаток на транспарентност, бидејќи продажбата на оружје е во тајност. Од друга страна, секако гледаме дека Министерството за надворешни работи и канцеларијата на германската влада, сѐ посериозно ја преземаат одговорноста за политика што на Германија сѐ повеќе ѝ се припишува. Ова значи дека ние забележуваме дека обврската за укажување на кршење на човекови права се сфаќа сѐ посериозно. Овој аспект дава надеж - вели Мичалски и додава дека другиот аспект, што активистите за човекови права го опишуваат како глобален феномен, е дека постои сѐ посилен ангажман од страна на граѓанското општество, но и одредени делови на владата, кои повеќе не сакаат да толерираат неправда. Затоа, едно поглавје од извештајот доби наслов: „Автократите низ целиот свет се соочуваат со сѐ поголемиот отпор“.

Дојче Веле
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот