X
 18.03.2024 Наука

Можеби треба да јадеме питони, велат научници

Знаеме дека исхраната со многу месо не е добра за нашата планета или за нашето здравје, но колку далеку би оделе за да се префрлите на поодржлив начин на исхрана? Што велите за замена на моменталните опции со некое парче месо од питон?

Меѓународен тим истражувачи за изработка на нова студија ја истражувале изводливоста на одгледувањето питони на комерцијално ниво и која цена би го имало тоа за животната средина во споредба со конвенционалниот добиток.

Резултатите се ветувачки - змиите растеле брзо дури и во периодите кога не јаделе (змиите може да јадат секој ден, но и еднаш на неколку дена, а во зависност од видот, староста, големината на змијата и големината на последниот оброк, и еднаш годишно) и дале добра количина на месо во однос на храната што ја консумирале, а која вклучувала пилешко и глодачи. Змиите може да се хранат и со отпадни протеини од други месни индустрии.

Потпирањето на змиското месо носи и друга невообичаена предност.

- Способноста за апстиненција од храна на питоните за регулирање на метаболичките процеси и одржување на кондицијата на телото ја засилува безбедноста на храната во несигурни средини, што сугерира дека одгледувањето питони може да понуди ефикасен одговор на глобалната несигурност за храна - пишуваат херпетологот Даниел Нaтуш од Универзитетот „Меквори“ во Австралија и неговите колеги во нивниот труд.

Тимот анализирал два вида питони – Malayopython reticulatus и Python bivittatus – кои биле одгледувани на фарми во Тајланд и Виетнам 12 месеци пред да бидат убиени. Откриле дека односот на консумирана храна и добиено месо (каде што понизок број значи поголема ефикасност) кај питоните е 1,2, во споредба со 1,5 кај лососот, 2,8 кај живината, 6 кај свињите и 10 кај говедата.

Змиите можат да не јадат неколку месеци без да изгубат голем дел од телесната маса, што ги прави идеални за одгледување во услови каде што храната и водата не се гарантирани, што, за жал, е растечки процент од планетата.

Секако дека нема да видиме префрлање на змиско месо во скоро време, но резултатите од студијата нагласуваат колку важни може да бидат овие животни како извор на храна што е сигурен и еколошки. Има многу предизвици - хранењето на змиите може да бара интензивна работа и сѐ уште не можеме да ги одгледуваме соодветно, а тука е и прашањето дали воопшто треба да јадеме месо. Натуш и тимот истакнуваат дека ова може и да не е изводливо наскоро. Дополнително, има и друг фактор што не е разгледан, а тоа е вкусот на змиското месо.

Истражувањето е објавено во „Сајентифик Рипортс“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука