X
 18.07.2021 Наша тема

Еротиката во македонскиот фолклор: И денес има патријархални и конзервативни струи, но и нови форми на отпор за она што ни е наметнато како пристојно и прифатливо

Дури и во патријархалните, затворени, зачмаени, затуцани средини секогаш има некој што прави отпор против тие доминантни матрици за тоа како треба да се однесувате. Во таа смисла може да се направи паралела и со тоа што денес ни се случува - сè уште сексот е табу-тема, а за сексуалното образование зборуваме како за нешто што треба да ги расипува нашите деца, да го труе нашето општество, да биде пропаст за државата, вели професорката Ана Мартиновска

Темата на еротиката во македонскиот фолклор и книжевно наследство, која за многумина сè уште е табу, отвора многу прашања, дел од нив и денес актуелни, како што се цензурата при собирање, објавување и истражување на овие творби, мотивите, родовата анализа, патријархатот и отстапките од него, феминистичките прашања, сексот и литературата... Оваа тема детално, отворено и критички ја обработува професорката Ана Мартиноска во зборникот „(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“, издаден од книгоиздателството „Ми-Ан“ и промовиран неодамна, повторно навраќајќи ѝ се по „Голиот на гости (Антологија на македонскиот еротски фолклор)“ од 2007 г., како и неколку научни текстови на истата тема.



- Пред точно 40 години мојот дедо Кирил Пенушлиски, основоположник на македонската фолклористика, ја објави книгата „Македонски еротски приказни“ (1981) и овој зборник му е посветен нему. Тогаш да се занимавате со еротика на толку широк и сеопфатен начин беше револуционерно во македонската наука и фолклористика, која и денес е прилично конзервативна. Еротиката е дел од обредните ритуали и песни и сите ја примаме преку своите лични искуства, а оваа антологија покажува дека еротиката ја има во повеќе слоеви и жанри со различна тематика. Фолклорот главно го доживуваме како израз на патријархатот, како нешто што е исклучително конзервативно, меѓутоа, еротскиот слој на народни умотворби покажува дека секогаш, па дури и во патријархалните, затворени, зачмаени, затуцани средини има некој што прави отпор против тие доминантни матрици за тоа како треба да се однесувате. Во таа смисла може да се направи паралела и со тоа што денес ни се случува - сè уште сексот е табу-тема, а за сексуалното образование зборуваме како за нешто што треба да ги расипува нашите деца, да го труе нашето општество, да биде пропаст за државата - вели Мартиновска.



Проф. Ана Мартиновска

Според неа, македонската традиција е безобразна и тоа го покажува богатото фолклорно наследство.

- И нашите баби правеле безобразни работи, и не само што правеле туку и не се срамеле. Народните приказни, гатанки, песни, умотворби... зборуваат за женската сексуалност, за жени со огромни сексуални апетити, за жени што пркоселе, за неверни жени и измамени мажи, за попови мераклии, вдовици што бараат млади момчиња... Темите се навистина разновидни и покажуваат дека нашата традиција има многу слоеви и дека треба да ги прифатиме како дел од нашето наследство. И денес постојат патријархални и конзервативни струи, но постоиме и ние што ќе измислиме некои нови форми на отпор кон тоа како треба да размислуваме, да чувствуваме, што е пристојно и прифатливо, а што не. Да бидеме отворени, прогресивни, либерални, свои, да уживаме во уметноста на љубовта затоа што еросот го движи светот - вели професорката.

Еротскиот фолклор во книгата е претставен дијахрониски – од ритуалните форми до современите изрази. Сето ова е сериозна, опсежна и полезна антологија на македонскиот еротски фолклор, која ја отвора можноста за понатамошно истражување на оваа проблематика.
Според Мишел Павловски од Институтот за македонска литература, како и издавач на книгата,
и денес, не само во минатото, постојат разни елитистички и псевдонаучни пристапи што ја игнорираат и се преправаат дека еротиката во културата не постои.

- Тие едноставно грешат. Еротиката и еротскиот фолклор се неодминлив дел од културата, како и сите културни појави што ги збогатуваат и традицијата и нашиот денешен миг. Напразно ќе ги игнорирате безобразлуците, напразно ќе го испуштате глаголот што почнува на буквата „е“ во македонскиот јазик. Фолклорот на еден народ е невозможно комплетно да се претстави без текстовите со еротика и опсцена, непристојна содржина - вели Павловски.


Мишел Павловски

Тој посочува на фактот дека на прсти може да се избројат текстовите што на современата јавност ѝ ги презентираат овој тип материјали.

- Тоа се неколку изданија, прво „Македонските еротски приказни“ од Кирил Пенушлиски, објавени пред 40 години и одамна исцрпено издание, збирката народни песни „Секој петок урда јадам“, приредено од Боне Величковски пред повеќе од 20 години, и уште неколку македонски фолклористи што се занимавале со елементите на еротиката во одредени жанри. Зошто е тоа така? Фолклорот на еден народ не може да се претстави без текстовите со еротска содржина, треба да се земе предвид фактот дека собирачите на народни умотворби често се воздржувале од прибирање на оние со еротска тематика, сметајќи ги за деликатна тема што не е „за пред народ“. Од друга страна ја имаме цензурата, на издавачите, на црквата, на тогашната власт. Но, цензурирањето е присутно и денес и придонесува во фолклористиката да има мал број трудови со научен и сериозен пристап до еротскиот фолклор - вели Павловски.

Според професорката Лорета Георгиевска-Јаковлева, ваквите провокативни и интересни трудови се важни за актуализирање на некои маргинализирани теми и нивна поголема достапност до сите.


Проф. Лорета Георгиевска-Јаковлева

Фото: Приватни архиви
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема