X
 18.09.2020 Култура

Креаторот на „Чернобил“ подготвува серија базирана на една од најпопуларните видеоигри

По седум години откако беше најавен почетокот на снимањето филм според видеоиграта „Последниот од нас“ (The last of Us), многу работи се променија. Освен што идејата за филмот пропадна, се појави далеку поинтересна опција за снимање серија според играта за која многумина сметаат дека е една од најдобрите во историјата на гејмерската индустрија.

А како што работите изгледаат во моментот, тимот собран околу серијата изгледа повеќе од ветувачки и актуелен.

Дејството на играта се случува во 2033 година, 20 години откако бројот на населението бил намален поради смртоносна пандемија, по што се појавиле дивјачки банди што оделе во потрага по жртви.

Но, приказната видена многу пати е лесна за консумирање благодарение на извонредно напишаните херои - Џоел и тинејџерката Ели кои патувајќи низ Америка, наидуваат на класични препреки што сме навикнати да ги гледаме во такви филмови и серии, но креаторот на играта, Нил Друкман, успева да ја раскаже приказната преку две успешни продолженија кои на многу начини ги надминуваат не само игрите, туку и повеќето филмови, серии и книги од кои црпи инспирација.

Првата сезона од серијата треба да го следи дејствието од првиот дел, но и да биде проширена со делови од претпродолжението „Последниот од нас: Оставен“ (додаток на играта што се врти околу Ели и нејзиниот живот пред да се сретне со Џеол).

Еден од креаторите на серијата, Крег Мазин, вели дека внимателно се работи на промените што треба да ги пополнат празнините, но нема да се прави никаква промена на она што веќе постои, особено затоа што играта веќе има огромен број страсни обожаватели.

Кој работи на серијата?

На серијата првенствено работат луѓе што работеле и на играта, а тука станува збор за креаторот и сценарист Нил Друкман, додека еден од продуцентите е Иван Велс, извршен директор на „Ноти дог“, компанијата што стои зад играта.

За саундтракот на серијата ќе се погрижи Густаво Санатолала, композитор и оскаровец, кој се погрижил за музиката и во двете игри.

Крег Мазин е еден од креаторите и сценарист, а многумина го знаат како творец на извонредната серија „Чернобил“ во продукција на Ејч-би-о, во која соработувал со режисерот Јохан Рeнк, кој ќе режира неколку епизоди од новата серија. Во неговата филмска биографија се и „Бејтс мотел“, „Живи мртовци“ и „Тргање по лош пат“.

Кој ќе глуми во серијата?

Иако сè уште не е објавено, едно име постојано се споменува, а станува збор за ѕвездата од серијата „Игра на троновите“, Мејси Вилијамс. Актерката уште пред пет години лично му се обратила на Друкман велејќи му дека улогата на Ели е како создадена за неа. Дали таа ќе биде дел од актерската екипа, останува да видиме.

Кога станува збор за улогата на Џоел, се споменуваат имиња како Хју Џекман и Џош Бролин, а некои шпекулираат дека тоа може да биде Џефри Пирс, кој во играта го позајмува гласот на братот на Џоел, Томи.

Кога ќе се појави на малите екрани?

Еден од проблемите е пандемијата, но и покрај тоа Мазин вели дека тој и Друкман во моментов го пишуваат сценариото. Со други зборови, крајот на 2021 година е најоптимистичното предвидување, но со оглед на перфекционизмот на Друкман, поради што обожавателите чекале цели седум години за вториот дел од играта, поизвесно е да се каже дека серијата ќе пристигне кон крајот на 2022 година.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура