X
 18.09.2022 Живот

Јапонски правила за исполнет живот: „Ако вашата реалност е премногу досадна, имате можност да создадете друга“

Ичиго ичи, што во превод значи „едно време, еден состанок“, нè поттикнува да ја цениме природата во секој момент бидејќи нема да се повтори на ист начин.

Оваа филозофија наведува дека не можеме да рекреираме или да повториме ниту еден момент од животот. Значи секој момент е можност што ќе се случи само еднаш во животот.

Станува збор за културен концепт за чување на неповторливата природа на моментот. Терминот се преведува како „само овој пат“ и „еднаш во животот“. Овој јапонски концепт е тесно поврзан со зен-будизмот и јапонската церемонија за чај.

Ичиго ичи ни помага да се потсетиме дека секое утро, секој момент што го поминуваме со нашите деца и со нашите најблиски е бескрајно вреден и го заслужува нашето целосно внимание. Целата филозофија е објаснета во книгата „Книгата на ичиго ичи“ од Хектор Гарсија и Франческо Миралес.

Еве ги десетте правила што ја сочинуваат оваа јапонска филозофија:

1. Не одложувајте ги посебните моменти. Секоја можност доаѓа само еднаш. Ако не ја прифатите, засекогаш ќе ја изгубите. Сега или никогаш.

2. Живејте како ова да ќе ви се случи само еднаш во животот. Затоа е инспиративно да ги поздравиме и да се збогуваме од нашите најблиски со ичиго ичи, за да станеме свесни за уникатноста на секоја средба.

3. Бидете присутни во сегашноста. Размислувањата за минатото и иднината често се болни и речиси секогаш бескорисни. Не можете да го промените она што се случило. Не можете да знаете што ќе се случи. Но, овде, во сегашноста, и во овој момент отворени ви се сите можности.

4. Направете нешто што никогаш досега не сте го направиле. Како што рекол Ајнштајн, не можете да го правите истото нешто постојано и да очекувате различни резултати. Друг начин да постигнете незаборавен момент е да се ослободите и да дозволите нешто ново да процвета во вас.

5. Вежбајте медитација во седечка положба. Можете да седнете на перница за медитација или едноставно да седите и да го набљудувате чудото на животот.

6. Обрнете внимание на вашите пет сетила. Вежбајте ја уметноста на слушање, гледање и мирисање за да му дадете богатство на секој момент. Ова ќе ви овозможи да бидете повнимателни со другите и да го зголемите вашето ниво на емпатија.

7. Забележете ги случајностите. Свесноста за случајноста ни помага подобро да ги читаме знаците што ни ги испраќа универзумот.

8. Секој собир нека биде забава. Не чекајте го вистинското време за да доживеете неверојатни работи. Секој ден е добар за прослава.

9. Човечките суштества по природа имаат моќ да ги трансформираат своите животи. Ако вашата реалност е премногу досадна и предвидлива, имате можност да создадете друга.

10. Бидете ловец на посебни моменти. Како и со секоја активност, колку повеќе вежбате, толку подобри ќе бидат резултатите.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот