X
 19.04.2020 Живот

Како работи „Гугл“ во време на корона, дали 5Г е штетна за здравјето, сѐ за тестовите за коронавирус... Што истражувавме неделава

Преку приказната на охриѓанецот Јован Иваноски ѕирнавме во светот на „Гугл“, со доц. д-р Валентин Раковиќ, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), разговаравме за 5Г, а д-р Горан Кунгуловски ни објасни сè за тестовите за коронавирус... Ова се само дел од темите за кои пишувавме неделава.


Јован Ивановски

Охриѓанецот Јован Иваноски од пред четири месеци е дел од тимот на „Гугл“ во Остин, Тексас. По петгодишен престој и доедукација и работа во Мајами, Иваноски го прифатил новиот предизвик да работи како софтверски инженер во канцеларијата на „Гугл“ во Тексас. Јован ни раскажа како го живее американскиот сон и како тече неговото адаптирање во една од најуспешните компании во светот. Но, секако, муабетот го почнуваме со состојбата со коронавирусот и како се работи во „Гугл“ во овие невообичаени денови.
Ивановски вели дека коронавирусот навистина го изненади целиот свет и дека многу работи ќе се сменат откако ќе помине. Најпрво, многу состаноци, конференции и настани ќе се префрлат онлајн. Не само тоа, и многу работни позиции ќе се отворат онлајн, со што ќе се смени и начинот на оперирање на многу компании.

Ковид-19 донесе многу неизвесност и страв кај сите нас, но и уверување дека кога треба, знаеме да се организираме. Ова го напиша во колумната за Факултети.мк проф. д-р Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ.

Проф. д-р Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ.

Информациите за Ковид-19, лажни и вистинити, научни и ненаучни, предрасуди и теории за заговор, се шират со невидена брзина и носат помешани емоции, од кои, можеби, централна емоција е стравот, егзистенционалниот страв, стравот од непознатото, стравот за најблиските, и пошироко, колективниот страв. Во минатото важните откритија беа локални: вакцинирањето на големи сипаници, на пример, се користеше во Индија, Кина и во Африка најмалку сто години пред Европа. Денес, знаењето, откритијата, но и стравот, повеќекратно засилен од новите дигитални технологии, интернетот, и особено од социјалните мрежи, се шират, речиси моментно, на сличен начин како и пандемијата. Така, на пример, истражувачите покажаа дека негативните емоции се шират како и заразните болести, напиша тој.

Имавме интервју и со д-р Горан Кунгуловски, кој ни откри сè за тестовите за коронавирус,

- Имајќи предвид дека значаен дел од трансмисијата на коронавирусот се пренесува преку луѓе кои немаат никакви симптоми (асимптоматски се од 30 до 50% од сите заразени), веќе не постојат правила и алгоритми за селекција на пациенти, сите сме потенцијални носители. Можеби е потребен масовен скрининг - вели д-р Горан Кунгуловски, директор за технолошки развој во „Био инженеринг Доо“ и раководител на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“ во интервјуто за Факултети.мк. Кунгуловски ни откри и какви тестови за коронавирус се користат во Македонија, зошто еднаш тестот е негативен, а потоа позитивен и како всушност тестот детектира коронавирус.

Д-р Горан Кунгуловски

Во време кога голем дел од населението е против употребата на новата технологија, а терминот „5Г“ се дочекува како почеток на апокалипса, решивме да консултираме релевантни научници кои со факти ќе зборуваат за темата.

Технофобијата е составен дел од човековата историја. Луѓето биле против употребата на машините во индустрискиот процес, против воведувањето на електричната енергија, автомобилите, возовите, употребата на телефонот... Сите биле дочекани со голем страв и отпор од страна на населението. Но, освен загриженоста, секој мора да е добро информиран пред да почне да осудува кој било нов технолошки концепт. Ова е еден од ставовите на доц. д-р Валентин Раковиќ, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Прашавме неколку средношколци дали се задоволни од онлајн-наставата, но и што им недостига најмногу од училиште. Не им е лошо дома, но им недостига дружбата со пријателите на училиште. Им фалат наставниците за да им ги објаснат тешкотиите по некои предмети. Ова се дел од коментарите што ги добивме од средношколци за тоа како се снаоѓаат со онлајн-наставата периодов.

За штипјанката Соња Пилатова, кој а е матурантка во гимназијата „Славчо Стојменски“, учењето дома не е едноставно, особено што во нивното училиште не користеле класични платформи за онлајн-настава, туку повеќе електронска пошта или драјв.

Во нашата петочна рубрика Дали знаете?, овој пат откривме зошто јајцата за Велигден се вапсаат во црвена боја.

Јајцето како симбол на животот, според верувањата, добивало уште поголема сила со тоа што било вапсано црвено, односно било боено со бојата на крвта, која, пред сè, значи живот. Постоело верување дека црвеното јајце има толку голема сила, што може да им вдахне нов живот и на оние што се веќе мртви, вели д-р Даворин Трпески, професор на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.


Една од главните теми минатава недела беше и дали државата треба да ги затвори црквите и манастирите за посета на верници за големиот христијански празник Велигден. Направивме интервју со проф. д-р Зоран Матевски, кој изјави дека ќе се направи огромна грешка ако за време празникот се апсат, приведуваат или казнуваат верници во полициски час.

„За најголемиот христијански празник Велигден верниците треба да останат во своите домови затоа што тоа го налагаат моменталните услови. Има една идеја во протестантизмот дека Господ најмногу се сака, почитува и слави во срцата на верниците. Така Велигден може достоинствено да се прослави во своите домови со најблиските“, изјави за Факултети.мк проф. д-р Зоран Матевски, раководител на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје. Со него разговараме за епидемиите низ историјата, дали поради болестите биле затворани храмовите, како овој вонреден Велигден ќе се одрази врз верниците во нашата земја.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот